Партијата на „Чкртачите“ е четврта политичка сила во Македонија

Партија составена од граѓаните кои што на овие избори се решиле свесно да го поништат своето гласачко ливче или пак згрешиле при заокружувањето на своите кандидати би била четврта политичка сила во Македонија.



На овие локални избори над 50 илјади луѓе или точно 51683 граѓани се водат како гласачи со неважечко ливче што е бројка поголема од сите партии освен од најголемите три СДСМ, ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ.

Зад оваа партија би биле и БЕСА и Алијансата на Албанците кои што освоија по под 50 илјади гласови.

Дел од граѓаните во обид да испратат политичка порака дека за нив нема соодветен избор на листите на кандидатите на ливчињата пишувале политички пораки или се шегувале со допишување на свои кандидати или партии со што свесно се откажале од својот глас.

Некои пак од непознавање на процедурите погрешно заокружувале по двајца или повеќе кандидати или пак наместо броевите ги заокружувале имињата на кандидатите и партиите со што сами се откажале од својот избор.

На предходните парламентарни избори одржани во 2016 година беа регистрирани 38787 неважечки ливчиња што значи дека на овие избори има 13 илјади неважечки ливчиња повеќе и исто толку граѓани кои што практично не се дел од политичкиот живот.

Ако се земат предвид кампањите на ДИК за изборно описменување кои што прецизно на сите јазици објаснуваа како да се гласа огромна е веројатноста дека се работи за свесно „чкртање“ на гласачките ливчиња за да се порача на политичарите дека има незадоволство од сите партии и лидери.