„Власта ги измамува граѓаните – итно да ги намали и да ги замрзне даноците на горивата.’ – реагираше опозициската Алијанса на Албанците на денешната прес-конференција.“ – објави информативниот портал на албански јазик „ин7“.
„Ин7“ ги пренесува ставовите на Алијансата на Албанците: „Шокантното поскапување на нафтените деривати уште еднаш докажа дека одлуката на Владата е само обид за измама на граѓаните и без никакви олеснувања за домаќинствата. Владата го послуша нашиот предлог за намалување на акцизата и ДДВ-то, но не го прифати целосно тоа што го предложивме. Затоа денеска се случуваат драстичните поскапувања. Ја повикуваме да ги прифати сите наши предлози.“
„Акцизата на бензините од 22 денари да се симне на 15 денари, а на дизелот од 15 на 9 денари. Оваа сума треба да биде фиксна и да не зависи од движењата на берзата. Предлагаме да се намали данокот на додадена вредност од 18 на 5 отсто, а не на 10 отсто, како што предлага Владата. Износот на данокот на додаден вредност да се замрзне на нивото од 28.февруари годинава, што значи да не се засметува натаму за новите поскапувања кои би можеле да дојдат од берзата.“
„Секакво друго експериментирање ќе им наштети тешко на граѓаните и ќе повлијае и врз цените на другите производи. Ќе биде бескорисно да се укине данокот на додадена вредност за прехранбените производи, ако транспортот и енергијата поскапат за производителите.“





