Да бидам искрен, не очекував олку амбициозен пакет антикризни мерки од владата на Димитар Ковачевски. Очекував помала одлучност, констернација дури. И покрај и бездруго полезна јавна дебата за тоа дали мерките ќе бидат ефикасни и дали некои од нив се задоцнети или можеби и преуранети, останува импресивниот и истовремено и застрашувачки факт дека пакетот тежи неверојатни 400 милиони евра. Тоа се пари што презадолжената Македонија ги нема и најверојатно ќе мора да ги позајми од странство – пишува во најновата колумна на Плусинфо, новинарот Бранко Героски.
„Тежината“ на пакетот укажува дека ударот на глобалната криза предизвикана од војната во Украина врз нашата економија е страшен. Тој ги потенцира сите нејзини наследени структурни слабости. Ние многу сакаме да си се фалиме, но ноторен факт е дека Македонија е економски фрагилна и увозно зависна земја. Ние не произведуваме ни доволно енергенси, а ни доволно храна, за да ги задоволиме сопствените елементарни потреби. Не произведуваме и ништо друго атрактивно со што би можеле да бидеме конкурентни на странските пазари. Нивото на продуктивност е ниско, цената на трудот е уште пониска, а стандардот е најнизок во регионот.
Во Македонија со години и со децении само се зборува за „структурни реформи“ на економијата и за „поддршка на реалниот сектор“. Но, според висината и особено според структурата на буџетот, според големината на јавниот сектор, според навиките да трошиме туѓи пари за глупости, а секако и според широко распространетата пракса за често директно инјектирање пари „во народот“ (со што се купува наклонетоста на широките народни маси и поддршката пред секои избори), ние всушност се уште сме една млитава социјалистичка економија.
А гледам дека и сега, посебно во контекстот на расправата што да се прави во време на најтешката рецесија после Втората светска војна, голем дел од нашата стручна јавност, а и огромен број фејсбук „експерти“ за политичка економија, упорно ја развиваат тезата дека антикризните мерки мора да бидат „строго таргетирани“ и „праведни“. Народот сака да слушне, а бпгами и слуша, дека товарот на кризата мора да падне врз грбот на богатите, а сразмерно помалку да ги оптовари сиромашните. Тоа се тие остатоци на нашата стара социјалистичка логика, која со право и во „она“ време беше нарекувана систем на праведна распределба на сиромаштијата.
Се разбира, едно е да се зборува, друго е да се дизајнираат спроведеливи „таргетирани“ антикризни мерки. Тешко, а понекогаш и невозможно, е да се избегне „линеарноста“. Како да се обезбеди „таргетирано“ влијание врз цената на горивата и на енергенсите? Може ли да има евтин бензин за сиромашните, а скап за богатите? Или евтина струја за првите, а скапа за вторите? Како ќе се обезбеди правдата? Со ваучери? Со субвенции? Претераното државно субвенционирањето на цената на струјата за т.н. мали потрошувачи, на пример, одамна предизвикува дисторзии на пазарот.
Дилемите се од суштинска природа. Не сум сигурен дека може да се оправда фамата за постоењето еден значаен контингент богати луѓе во Македонија како економски фактор. Кога велам значаен, мислам на група луѓе со чие „таргетирање“ може да се дизајнираат ефикасни и робинхудовски економски политики.
Целата колумна на следниот линк:
https://plusinfo.mk/pravednata-podelba-na-siromashti-ata-e-losh-sistem-za-sovladuva-e-na-recesi-ata/






