Андревски: Бугарите нема да прифатат дека биле окупатори, ниту ќе им се извинат на Евреите, уште помалку на Македонија

„Утре се навршуваат 79 години од депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка од страна на бугарскиот фашистички окупатор. По тој повод, околу педесет светски организации за верски слободи и човекови права бараат јавно извинување од бугарските власти. Тоа е порака и до македонските власти дека не смеат да ја бришат и ретушираат сопствената историја, поради уцените од Софија.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Бугарија да се извини за своите злодела кон Македонија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



„Повеќе од 50 организации од целиот свет испратија писмо до бугарскиот премиер Петков“

Таневски пишува: „Утре се навршуваат 79 години од депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка од страна на бугарскиот фашистички окупатор, па по тој повод околу 50 организации за верски слободи и човекови права во светот испратија заедничко писмо до бугарскиот премиер Кирил Петков, од кого бараат да се извини за депортацијата на македонските Евреи. Во писмото упатено до официјални институции во САД и Европа се повикува Петков да биде првиот бугарски премиер што официјално ќе ја признае и ќе се извини за депортацијата на 98 отсто од македонската еврејска заедница од страна на тогашното Кралство Бугарија.“

„Во отворено писмо Македонската еврејска заедница, преку Европскиот еврејски конгрес, рече дека актуелната влада во Република Бугарија има морална обврска да ја признае вината на нејзините претходници и да преземе одговорност, по примерот на многу европски земји што беа на погрешна страна за време на Втората светска војна. Бугарија намерно ја брише својата мрачна историја и на тој начин ја искривува вистината за холокаустот.’ – се вели во писмото, кое организациите го испратија до официјална Софија преку глобалната мрежа за верски слободи (ИРФ Раундтејбл), со седиште во Вашингтон.“

„Ангажманот на педесетина светски организации за верски слободи и човекови права покажува отворено спротивставување на актуелната бугарска позиција дека за време на Втората светска војна Бугарите биле само администратори во Македонија, позиција со која официјална Софија сака да ја префрли вината за депортацијата на повеќе од 7.000 Евреи од овие простори врз некој друг. Тоа е порака и до македонските власти дека не смеат поради уцените од Софија да ја бришат и ретушираат сопствената историја преку интервенции во учебниците по историја и бришење на написите на спомениците, само затоа што на Бугаријане и се допаѓа нејзината вистинска историска улога како поборник и заштитник на фашизмот за време на Втората светска војна.“

„Не верувам дека Петков ќе се извини, ниту на Евреите, уште помалку на Македонците. Генералниот вековен став на Бугарите е дека Македонија е бугарска. Во тие рамки се вклопува и нивниот поглед дека во Македонија дошле како во ослободена своја земја. Тие не сакаат да прифатат дека за време на Втората светска војна имало окупациски период. Тоа се светски процеси на ретуширање на историјата и Бугарија активно е вклучена во тоа.‘ – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.“

Интернет – врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/bugarija-da-se-izvini-za-svoite-zlodela-kon-makedonija/