Поради војната во Украина, загрозено е глобалното производство на житарки, снабдувањето со масла за јадење и извозот на вештачки ѓубрива.
Светските цени на храната се искачија на рекордно високо ниво во февруари, скокајќи за 20,7 отсто на годишно ниво, според Агенцијата за храна на ОН, и продолжуваат да растат.
Глобалната прехранбена криза предизвикана од руската инвазија на Украина ескалира во средата кога Индонезија ги заостри ограничувањата за извозот на палмово масло, приклучувајќи се на листата на клучни земји кои сакаат да ја задржат основната храна во нејзините граници.
Конфликтот во Украина го загрозува глобалното производство на житарки, снабдувањето со масла за јадење и извозот на вештачки ѓубрива, предизвикувајќи нагло поскапување на основните прехранбени производи, а истото се случува и на енергетските пазари. Цените на палминото масло годинава се зголемија за повеќе од 50 отсто.
Индонезискиот министер за трговија Мухамед Луфти рече дека ограничувањето на извозот има за цел да обезбеди цените на маслото за јадење во земјата да останат достапни за потрошувачите. Русија и Украина се исто така значајни извозници на масла за јадење и произведуваат 30 отсто од светското производство на пченица. Украина во средата објави дека до крајот на годината го забранила извозот на широк спектар на земјоделски производи, вклучувајќи јачмен, шеќер и месо.





