Несторовски за римска „Република“: И тоа како имаме шанси против Италија!

Илија Несторовски, македонски фудбалски репрезентативец и поранешен играч и капитен на Палермо, каде што Македонија на 24 март ќе ѝ излезе на мегдан на Италија во полуфиналето од баражот за Светското првенство во Катар, смета дека „црвено-жолтите“ имаат шанси.



„Не играме случајно во Палермо: на Италија ѝ е потребна блескава атмосфера, поддршка од огнените навивачи за да се изврши притисок врз противникот. Во Палермо го има сето тоа. Но, можеби Федерацијата заборави дека јас и Трајковски таму сме дома, добро го знаеме теренот. Сериозно, еднаш веќе дадов гол против Италија, исто така и Трајковски. Италија поради тој гол мораше да оди во баражот против Шведска и потоа не се пласира на Светското првенство во Русија. Тоа значи дека имаме шанси, и тоа како. Тоа е директен дуел, деведесет минути, ништо не може да се исклучи“, изјави во интервју за италијанскиот весник „Република“ стрелецот на еден гол во поразот од „аѕурите“ со 3:2 пред шест години во Скопје.

„Ако како дете сонував за натпревар на животот, тоа би бил овој. Сега уште повеќе, по три години во Палермо. Не знам дали ќе бидам повикан, но се надевам, затоа што за мене ова е како да играм дома“, додава 31-годишниот напаѓач на Удинезе со 46 настапи и 10 погодоци за Македонија, како и со 38 гола на 94 меча во трите сезони во дресот на Палермо.

„Италија го сака Светското првенство, но јас го сакам повеќе. Бидејќи не отидов на ЕП поради повредата, сакам да играм на СП. Како се вели во во Италија? Кога една врата се затвора, друга се отвора. По натпреварот ќе испратам порака до жителите на Палермо, дотогаш ќе бидам само противник“, им порача популарниот Несто-гол на своите сограѓани од 2016 до 2019 година.

„Само помислете дека моите деца прво научија италијански, а потоа македонски. Кога пристигнаа новинарите во Палермо, рекоа НесторовсЧИ? Иако бев три пати најдобар стрелец во Хрватска, во Италија не ме познаваа. Сфатив што постигнувам кога веќе во првата година ја носев капитенската лента. На ниту еден странец не му успеало тоа толку рано во историјата на Палермо. Денес можам да кажам: да, дел од мене се чувствува како Италијанец“, вели Несторовски за тиражниот дневен лист од Рим.