И покрај забраната која од утре ја воведува Србија за извоз на пченица, брашно, пченка и месо, земјава нема да има последици од тоа, убедуваат институциите. Мелничарите и пекарите, пак, алармираат дека финансиската состојба на мелниците е лоша и тешко дека ќе можат да ги платат договорените количини на увоз на пченица, но се надеваат дека тоа ќе се компензира со увоз на српско брашно.
За да се намали увозната зависност од житните култури, велат земјоделците, потребна е стратегија која ќе опфати не само подобрување на приносите, туку и на откупната политика која моментално го обезвреднува трудот на земјоделците.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека поради актуелните економски состојби во светот Србија од утре ќе го забрани извозот на пченица, брашно, пченка и масло, но додаде дека за регионот ќе има доволни количини.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски денеска потврди дека земјава нема да има проблем со увозот на пченица од Србија, бидејќи е изземена од забраната за извоз од оваа земја.
– Добивме уверување од Србија дека извозната забрана нема да важи за количините пченка и пченица најавени за нашата мелничка индустрија. Преработувачите ќе можат да ги увезат планираните количини од северниот сосед. За ова веќе искомунициравме со српското министерство. Преку Отворен Балкан разменуваме информации во реално време, а на мое барање инициравме и онлајн состанок со сите министри од регионот за да ги разгледаме сите опции, сите политики, сите потреби на министерствата, стопанствата и на земјоделците – изјави Николовски.
Тој информира дека министерствата за земјоделство на двете земји имаат континуирана комуникација за сите земјоделски производи што се извезуваат и увезуваат од двете страни, вклучително и за пченица и пченка.
Владата претходно соопшти дека моментално има доволно количини стокови резерви од пченица, а резерви имаат и мелничарите од околу 45.000 тони.
Од мелничко-пекарската индустрија велат дека моментално нема никакви проблеми за увоз на брашно и пченица од Србија, но проблем е намалената финансиска моќ на мелниците кои нема да можат да излезат на крај со високата цена на пченицата.
– Нема никакви најавени проблеми за реализирање на договорените количини увоз на пченица од Србија. Увозот тече нормално, а имаме информација дека Министерството за земјоделство веќе остварило контакти со српското министерство и е договорена динамиката на испорака на договорените количини пченица и брашно. Досега, според нашите податоци за 2021 година е реализирани увоз од 67.000 тони пченица и околу 33.000 тони брашно од Србија од годишните потреби од 100.000 тони увоз – вели претседателот на Здружението на мелничко-пекарската индустрија Горан Малишиќ.
Но, вели тој сега е проблем високата цена на пченицата.
– Србија некаде од јануари ја зголеми цената на пченицата за 24 отсто и на брашното за 25 отсто. На берзите во светот зголемувањето на цената на пченицата е за 30 отсто. Мелниците сега имаат проблем да обезбедат пари за купување на договорените количини пченица, бидејќи трошоците во нивното работење поради високите цени на енергенсите се енормно зголемени и ова зголемување на цената на брашното ќе ги натера да намалат дел од увозот на пченица и да го намалат производството – вели Малишиќ.
Според него, сепак земјава нема да се соочи со недостиг од брашно бидејќи оние количини што нема да ги произведат мелниците, ќе се увезат.
– Она што нема да го произведат нашите мелници ќе се увезе како брашно, што значи ќе бидат компензирани очекуваните количини на брашното на домашниот пазар и нема да има недостиг – појаснува тој.
Земјава увезува 90 отсто од потребите од пченицата и брашното од соседна Србија. Годишниот увоз на пченица просечно годишно изнесува околу 100.000 тони, а на брашното околу 33.000 тони.
Според одредени пресметки, мелничката индустрија дневно меле околу 25.000 тони пченица за да произведе 17.500 тони брашно.
Извор: Плусинфо





