Фетаи: „Новиот режим со стари крадци: политиката никогаш не била повеќе криминализирана, а корупцијата толку распространета“

„Во 2015-2016 година голем број Албанци се приклучија на ‘шарените револуции’ на СДСМ под изговор дека само така Груевски и Ахмети ќе бидат испратени во затвор, оти ќе се води борба против криминалот и корупцијата и дека Албанците ќе станат рамноправни граѓани во оваа земја. Седум години подоцна Груевски се одмора во Будимпешта, а Ахмети никогаш немал поголема моќ.“ – вели Арбен Фетаи од опозициската Алијанса на Албанците во објавата на својот фејсбук-профил.

Фетаи пишува: „Мијалков е во коалиција со СДСМ и други криминалци на режимот шетаат слободно. Политиката никогаш не била повеќе криминализирана, а корупцијата толку распространета. Невините Албанци продолжуваат да гнијат и да умираат по затворите. Нашата застапеност во институциите за прв пат опаѓа, затоа што Македонците ни ги заземаат местата, лажни прикажувајќи се како Албанци. Инсталиран е нов режим со стари крадци.“

„Во текот на овие седум години никогаш не ги слушнавме Албанците од СДСМ да зборуваат за овие појави. Напротив, тие станаа меѓу најгласните и најпослушните пропагандисти на новиот режим, затоа што своите позиции и привилегии не ги обезбедија преку народниот легитимитет, туку преку партијата.“

„Народот сфати дека овие луѓе се ‘Потемкинови’ Албанци, како она лажно и идилично село, кое рускиот министер Потемкин го изградил, за да ја сокрие сиромаштијата за време на посетата на царицата Катерина Втора во Крим во 18 век. Значи, чиста измама, создадена за пропагандни цели. Ништо повеќе.“