Ќулафкова: „Опстанокот на македонската нација е во прашање – државата стана нестабилна конструкција без визија за иднината“

„Опстанокот на македонската нација е доведен во прашање, а без нација нема стабилна и просперитетна држава. Ја претворивме државата во нестабилен конструкт без обединувачки основи, во збир од заедници, групи и партии без национален и државен консензус, без идеали, без визија за иднината, без самопочит, без углед во меѓународните кругови.“ – вели академик Катица Ќулафкова во својата статија со наслов „Опстанокот на македонската нација е доведен во прашање“, која ја објави весникот „Нова Македонија“. Статијата е заснована врз излагањето на Ќулавкова на неодамнешното годишно собрание на МАНУ.

Ќулафкова пишува: „Дваесет години прифаќаме ултимативни преговори и договори за името на државата, небаре името е етикета која може да се лепи и одлепи, а не уникатен суверен показател на легитимитетот на државата, нејзиниот правен субјективитет и идентитет, како и легитимитетот на нејзината нација и идентитетот на нејзините граѓани.
Последниве неколку години се доведува во прашање конституирањето на македонската нација, како структура составена од македонскиот етнокултурен ентитет, кој го даде главното државно обележје на Р Македонија од 1944 до 2019 година, државотворната улога на македонскиот народ во основањето на граѓанската држава, јазикот и темелниот историски наратив преточен во преамбулата на првиот устав на Р Македонија, заедно со сите малцинства и заедници кои живеат на територијата на Македонија.“

„Опстанокот на македонската нација е доведен во прашање, а без нација нема стабилна и просперитетна држава. Секој граѓанин и сите етнички и јазични заедници можат да го почитуваат своето потекло и тој слој на идентитетот, но сите заедно треба да ја сочинуваме македонската нација, да имаме заедничко чувство на припадност, почит спрема симболичните и фактичките одлики на нацијата и државата. Ние денес ја претворивме државата во нестабилен конструкт без обединувачки основи, во збир од заедници, групи и партии без национален и државен консензус, без идеали, без визија за иднината, без самопочит, без углед во меѓународните кругови.“

„МАНУ ги затвора очите пред наивните но штетни парадокси кои нанесоа непоправлива, неповратна штета на нацијата, наша, на сите, не само на етничките Македонци, а со тоа и на нашата држава. Издвојувајќи се како егзотични племиња, Македонците посебно се изложија на удар на политиките на ултиматуми во нејзините интегративни процеси. Се прифаќаат и најголемите апсурди без консултација и почит на научни стратешки истражувања и аргументирани ставови на МАНУ. Македонската нација сами си ја потценивме, затоа денес политички анонимуси коленичат панично пред недостојни инстанци во име на некоја интеграција, која можеби никогаш нема ни да се случи.“

Интернет-врска до целата статија:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/opstanokot-na-makedonskata-nacija-e-doveden-vo-prashanje/