Спротивно на САД дека „интеграцијата на Балканот е важна за слободата и мирот“, медиум близок до ДУИ прашува: „Кој го гарантира тоа на ‘Отворениот Балкан’?“

Спротивно на ставот на Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западниот Балкан дека „целосната интеграција на регионот е многу важна, за да постои целосна, слободна и мирна Европа“, со што тој ја одразува официјалната позиција на американскиот Стејт Департмент, информативната агенција „Журнал“ изнесува прашање „Слободно и мирно на ‘Отворениот Балкан’ – кој гарантира?“ во својата анализа со ист таков наслов, посветена на функционирањето на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“.

„Журнал“ пишува: „Отворениот Балкан’ е регионална иницијатива, која се стреми кон слободен пазар на труд и слободно движење на стоки. Тоа е иницијатива на Албанија, Србија и Северна Македонија. Иницијативата има поддршка и од САД и од ЕУ. Делегацијата на Владата на с.Македонија оствари средба во Вашингтон со Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, во рамки на студиската посета на САД на регионалната координативна група на иницијативата ‘Отворен Балкан“.

„На средбата претставниците на ‘Отворениот Балкан’ од с.Македонија, Албанија и Србија разговараа со претставниците на американскиот Стејт департмент за важноста на регионалното поврзување и слободното движење на луѓе, капитал, стоки и услуги. Претставниците на Стејт департментот изразија силна и јасна поддршка за европската интеграција на целиот Западен Балкан и особено за регионалната економска и политичка соработка, како што е ‘Отворениот Балкан’. Иницијативата ‘Отворен Балкан’ беше оценета како соработка која дава конкретни резултати.“

„Зборувајќи за опасностите и заканите, Ескобар изјави дека на идните генерации не би смеело да им се дозволи да ја имаат оваа поделба. Затоа, според него, целосната интеграција на регионот е многу важна за да постои целосна, слободна и мирна Европа. ‘Има многу работа да се заврши во Западниот Балкан. Работа за да се интегрира регионот економски. Работа за да се изнајде потребниот и одржлив компромис во врска со судирите, кои постојат.“

„За шефот на македонската дипломатија Бујар Османи ‘Отворениот Балкан’ е ‘прагматична иницијатива, од која можат да имат полза сите’: ‘Сигурно дека големите држави имаат повеќе придобивки, но, сепак, на крајот сите имаат корист. Тоа е законот на пазарот.’ – рече Османи.“

„Албанската опозиција има различно мислење за ‘Отворениот Балкан’ и тие преку пратеникот Халил Снопче кажаа: ‘Србија е единствената земја во Европа, освен Белорусија, која не воведе санкции кон Русија, поради руската агресија врз Украина. Србија е единствената земја во Европа, освен Белорусија, која не гласаше за резолуцијата предложена од Албанија и САД во Советот за безбедност, за ставање крај на руската агресија врз Украина. Како што рече Зијадин Села, ‘ако сега не се повлечеме од ‘Отворениот Балкан’, тогаш Путин може да ја искористи Србија како ‘тројански коњ’, за да ги постигне своите цели на Западниот Балкан’. Ова е неприфатливо и Македонија треба засекогаш да се повлече од ‘Отворениот Балкан’. – нагласи пратеникот Снопче.“