Бизнисот бара пониска акциза на горивата

Со последните зголемувања на цената на горивата, бизнисот е ставен пред избор дали да се радува дека може да купува гориво и нормално да функционира или да бара пониска цена на горивата и да стави клуч на врата, коментираат бизнисмените кои се во шок по последното зголемување на цената на дизелот за 10 денари. Владата по синоќешната седница на економскиот совет најави мерки за ублажување на состојбата.



Бизнисите кои се во шок од вчерашната цена на горивата и што ги очекува во наредниот период, сметаат дека главна мерка која треба да ја донесе владата е да ја намали акцизата за да го спречи ударот врз нивното работење, зашто ако размислува за субвенции кои ќе им ги даде, дел од бизнисите нема да можат да ги користат.

– Изминатиот период нѐ подготвуваа дека ќе нема гориво на бензиските пумпи за да ни кажат дека отсега секој ден ќе имаме нова цена и да помислиме дека е подобро да имаме редовно снабдување отколку да ги запреме камионите. Првата реакција на сите превозници беше дека се шокирани од повисокиот раст на цената на дизелот отколку на бензините, бидејќи тоа е нелогично бидејќи производството на бензините е поскапо. Денеска ги собираме реакциите и потоа ќе формираме став во врска со мерките на владата кои уште не ги знаеме – вели Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макамтранс“.

Превозниците го обновија барањето за намалување на акцизата за дизелот, бидејќи само на овој начин ќе можат да функционираат.

– Утре имаме средба во Министерството за транспорт и врски и очекуваме министерот да нѐ информира што планира владата во врска со нашите барања и какви мерки планира да донесе. Покрај високото учество на горивото во нашите цени (зависно од тежината на стоката која се превезува и условите на патот вчерашното зголемување на цената учествува со 40 до 60 отсто) ние имаме голем проблем што нема веќе што да возиме. На европскиот пазар никој не бара превоз од други земји, а превозот кон Русија и Украина е целосно запрен. Што значи ние ќе имаме проблем да опстанеме како превозници – додава Муратовска.

И автобуските превозници веќе размислуваат за зголемени цени на превозот поради високите цени на горивото. Тие бараат пониска акциза, но и решавање на проблемот со веќе потпишаните договори за линиски превоз.

– Со моменталната цени на нафтата ние веќе имаме поскапен превоз од 25 отсто, но тука не запираат нашите проблеми. Ние имаме договори за линиски превоз (превоз на деца во училиште, до институции и фирми) со цена од 75 денари на горивото. Сега нашите услуги се поскапени и затоа бараме владата да најде некакво решение за овие договори. Наше мислење, а тоа го бараме и од владата, дека решението со растечките цени на горивата е во намалена акциза. Дали владата ќе го прифати тоа не знам, но знам дека ќе бидеме принудени на радикално дејствување бидејќи нема да можеме да опстанеме како превозници со моментално учество од 60 отсто на цената на горивото во нашата цена. Да потсетам дека ова учество секој ден ќе расте. Да не заборавиме дека ние треба да исплатиме и повисоки минимални плати на работниците, а пари има сѐ помалку – вели претседателот на Здружението на автобуски превозници Исток, Горан Трпковски.

И овие превозници чекаат да видат какви мерки планира владата за ублажување на овој проблем.
Линк до целиот текст.