Зеколи за изборот на Фрчкоски, за политичките хареми и за уште нешто…

Дилема на денот. Каков би бил ставот на Стево Пендаровски и Бујар Османи доколку нивните сопруги (кои од почит не сакам да ги именувам) беа почесно почестени од нивниот кандидат за Обединети Нации со термини како „вагинални димови”? Првата мисла ми беше дека веднаш ќе го исфрлеа кандидатот во канализација (каде што му е место), пропратено со литар тоалетен дезинфектант по него. Но, по кусо мислење, мислам дека не би се потресле воопшто. Служба е служба, карактер е карактер, а ‘рбетот е и онака дел од излишната анатомија во политиката во која најмногу се цени позадината. Сопствена – пишува во авторски текст за Дојче Веле амбасадорот Арсим Зеколи.



– Затоа, мислам дека во пресрет на баналниот ден на жената во Македонија, сопругите на наведените би дале пригоден придонес кон самите себе и кон одбележувањето на денот на жените во Македонија преку поштедување на јавноста од банално бесмислени пораки, смешкања, заложби. И им се придружат на симпатичните и мили буцмести тетки од пекарата и училиштето карши. Со се потпевнување на Шако Полумента и цупкање по, околу и на кафеански маси. Бидејќи, вистина, се друго би било само комедија на пародијата сервирана од нивните сопрузи.

Сепак, парадоксално, колку и да ми е одвратна веста за одлуката на недостојниот на вилата во Водно, таа е на извесен начин сосема соодветна на нашата беда и мизерија. Во која не знаеш што е поодвратно и повулгарно. Мимикријата на женските или цинизмот на машките. Првите даваат се за под плаштот на феминизам да се издигнат до вербално и естетско ниво и карактерно дно на Мирки-камионџијки во надеж дека преку одење во екстрем ќе ја освојат златната средина на трансџендерна естетика. Вторите, машките, одамна имаат дигнато раце од глумење синови на народот, самосведени на конкубини на лидерот.

За именувањето потпишано од Пендаровски нема да најдете жена-Албанка која ќе протестира. Посебно не во женската албанска политика полна со цимолења „нас жените никој не не есапи, ние жените, ние Албанките, нашите права” и слични бла-бла баналности. Согласно определеното место од лидерот и шефот на огранокот, улогата на албанските политичарки е да периодично взаемно се кубат за коси и разменуваат вриштењаа и епитети пред камери и низ портали. И потоа здружено, како во случајот со Бесмира, се вдадат во љубоморен лов на старици против младите „вештерки”. Честејќи ги со епитети „проституција-дипломатија”, која инаку своевремено се има користено и при нивните сопствени влетувања во политиката. Но штом отаде линијата се зададе некое машко мизогенично, сета приказна за женски права – изветрува, аш, ветер во магла, кротки како хануми во Султански харем. Затоа, политичка коректност по ѓаволите (досега и понатаму) не е прашање колку права имаат жените-Албанки и колкава е нивната застапеност. Реалноста е дека, со вакви модели на политичарки, Албанките дури имаат и повеќе отколку што заслужуваат или се имаат самите изборено – резонира Зеколи.

Целиот текст на следниот линк:

https://www.dw.com/mk/%D0%BE%D1%81%D0%BC%D0%B8-%D0%BC%D0%B0%D1%80%D1%82-%D0%B2%D0%BE-%D1%85%D0%B0%D1%80%D0%B5%D0%BC%D0%BE%D1%82-%D0%BD%D0%B0-%D1%81%D1%82%D0%B5%D0%B2%D0%BE-%D0%B8-%D0%B1%D1%83%D1%98%D0%B0%D1%80/a-60995622