Опозицијата со идеи и предлози за справување со катастрофалните поскапувања

Данокот на додадена вредност на храната да се намали на нула отсто од сегашните 5 проценти, а истото да важи и за ДДВ на парното, и така да биде се до крајот на оваа година. ДДВ на струјата, пак, и после први јули да продолжи да биде 5 отсто, наместо планираното зголемување на 10 проценти после тој датум. Кога станува збор за акцизта, таа да се намали за 50 отсто кај бензинот и дизелот, и за 100 отсто кај природниот гас.



Ова се клучните новини кои треба да ги донесат измените на законите за ДДВ и за акцизи кои ги предлага опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со цел барем малку да се подобри животниот стандард на граѓаните, кој е загрозен од големите поскапувања на енергенсите и на основните прехранбени производи.

Предлозите од ВМРО-ДПММЕ се на одобување пред народните избраници, но не е извесно како за нив ќе гласа мнозинството, со оглед што станува збор за законски решенија со кои сериозно би се намалиле буџетските приходи.

Како што пишува Фактор, со сегашниот Закон за ДДВ, општата даночна стапка од 18 отсто се применува врз целокупниот промет и увоз, освен врз оние стоки за кои важи повластената од 5 отсто, а такви се следниве производи и услуги: производи за човечка исхрана, вода, публикации, семенски и саден материјал за производство на земјоделски растенија, ѓубрива, средства за заштита на растенијата, фолии од пластична маса за употреба во земјоделството, земјоделска механизација, лекови, компјутери, термални сончеви системи и компоненти, медицинска опрема, помагала и други уреди, сурово масло, првиот промет на станбени згради и станови, добиточна храна, бебешки производи, училишен прибор, пелети, печки на пелети и котли на пелети, топлинска енергија за греење, електрична енергија за греење, превоз на лица и придружен багаж, софтвер за компјутери, услуги за одржување на јавна чистота и отпремување на отпад, услуги сместување во сите видови на комерцијални угостителски објекти, како и занаетчиските услуги.

Со постоечкото законско решение, од 1 јули 2022 година, ДДВ со повластена даночна стапка од 10 отсто ќе се применува врз прометот и увозот на струја за домаќинствата.

Предлагачите на законските измени, односно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, пак, укажуваат дека инфлацијата во земјава е висока, односно во јануари оваа година таа беше 6,7 отсто, а во февруари се искачи на 7,6 отсто, што значи дека ја надминува годишната стапка на раст на просечната плата, а тоа, пак, значи дека стандардот на граѓаните не расте, туку и опаѓа, и тие секојдневно се соочуваат со поскапени производи и зголемени трошоци на живот.

„Горивата за краток временски период пораснаа за околу 70 отсто, електричната енергија за 30 отсто, топлинската енергија, односно парното за речиси 15 отсто, а основните намирници, како што се масло, леб и млеко во просек се поскапени за 30-тина проценти. Владата сеуште нема предложено мерки за справување со ваквата состојба, особено ако се земат предвид актуелните геополитички случувања, кои ќе влијаат на цената на енергенсите, но и на прехранбените производи, со оглед дека Украина е еден од најголемите производители на пченица. Владата мора да размисли да ги укине или намали даноците и таксите на сите оние производи кои граѓаните ги користат секојдневно, а кои поради високите цени им го нарушуваат стандардот“, навеле пратениците од опозицијата.

Поради овие причини, како што нгласуват, а и поради извесниот натамошен раст на трошоците на живот, тие очекуваат нивните колеги, односно пратениците во Собранието да ги прифатат измените во Законот за данокот на додадена вредност.

„Имено, со предлог измените, наместо 5 отсто повластена даночна стапка за промет и увоз на производи за човечка исхрана, предлагаме таа да биде 0 отсто. Истото бараме да важи и за користењето на топлинска енергија, парно. Цената на гасот, според најавите од Руската федерација, се очекува да достигнат и до 2.000 евра за кубен метар, а треба да се има предвид и дека АД Те-То е во сопственост на компанијата Territorial’naya Generiruyushchaya Kompaniya No2 (ТГК 2, Русија). Со предложеното законско решение, бараме оваа стапка од 0 отсто ДДВ да важи до крајот на оваа година. Дополнително, се предлага даночната стапка од 5 отсто за електричната енергија да продолжи да важи и после први јули, наспроти постоечкото решение со кое се предвидува покачување на ДДВ за електричната енергија на 10 отсто“, нагласиле во образложението пратениците.

Тие потенцираат дека Македонија не смее кризата да ја дочека неподготвена. Велат дека земјите во регионот се снабдуваат, прават залихи, стратегии и подготвуваат конкретни економски чекори како да го заштитат стопанството и стандардот на граѓаните.