Бугарија ги поддржува санкциите против Русија како средство за запирање на нејзината инвазија на Украина, но најверојатно ќе бара исклучок од евентуалната забрана за увоз на руски природен гас и нафта доколку се направи таков предлог, изјавил премиерот Кирил Петков во интервју за Ројтерс.
Бугарија, членка на ЕУ и НАТО, е речиси целосно зависна од испораките на гас од руски Газпром, додека нејзината единствена рафинерија за нафта, во сопственост на руски ЛУКОИЛ, обезбедува повеќе од 60% од горивото во земјата, пренесе БГНЕС..
„Бугарија би поддржала какви било мерки, бидејќи ние сме навистина против војната, но за овие две – увозот на нафта и гас, можеби ќе побараме исклучок… Во моментов немаме актуелни алтернативи, премногу сме зависни“ изјави Петков.
Петков најави дека Бугарија ќе започне и со увоз на 1,5 милиони тони пченица за да се обезбеди снабдување со храна до жетвата следната година и да се избегнат ризиците што можат да произлезат од можни несреќи во нуклеарните централи во Украина.







