„Ако на тие со 16.000 денари им ја покачите пензијата 900 денари, што не кажете колку ќе има ја покачите на оние со 10.000 денари, а колку на оние со 60.000 денари“,



„Некому 500, неколку 900, а некому 3.000, навистина добро покачување… За вакво ли покачување на минимални пензии зборувате“, „А тие што имаат под просек пензија, што со нив, можело некој паметно да ни објасни“, се дел од статусите на граѓаните на официјалната фејсбук-страница на Владата, под објавата за растот на пензиите, пренесува „Слободен печат“.

Пензионерите со ниски пензии жестоко реагираат на социјалните мрежи дека многумина од нив имаат пензии под просек и бараат скалесто зголемување на пензиите.

Јануарската просечна пензија во државата била 16.297 денари. Најнискиот износ на пензија е  10.276 денари, а ваква пензија земаат 3.143 пензионери. Податоците од Фондот за ПИОМ покажуваат и дека 47,71 отсто од пензионерите земаат пензија до 14.000 денари, од 14.001 до 18.000 денари пензија земаат 21,26 проценти од пензионерите, а над 18.001 денар е пензијата на 31 отсто од пензионерите. Највисоките пензии се движат од 43.465 денари до 59.674 денари, во зависност од годината кога се пензионирале, а нив ги имаат 1.139 пензионери. Вкупниот број пензионери, пак, бил 326.841.

Од Партијата на пензионери велат дека и нивните залагања биле да има поголемо покачување на минималните пензии, но дека правните експерти им укажале дека такво законско решение може да падне на Уставен суд.

„Пензијата не е социјална категорија. Таа е економска категорија. Тоа значи дека некогаш некој издвојувал пари за да зема соодветна пензија. Затоа не може да има таков закон што на едни ќе им ја зголеми пензијата повеќе, а на други помалку“.