Според неколку дипломати, неколку земји од западот на Европската унија се противат на повиците блокот да ѝ додели на Украина кандидатски статус оваа недела, што е прв чекор на долгиот пат кон членство во ЕУ, објави „Блумберг“.
Германија, Холандија и други членки прво сакаат извршниот орган на ЕУ да го даде своето мислење за подготвеноста на Украина за процесот на членство пред да донесе политичка одлука, рекоа дипломатите, опишувајќи ги приватните дискусии што се одржуваат пред самитот во Франција оваа недела. Тие земји сакаат да се фокусираат на давањето практична поддршка за Украина и на ставањето крај на војната, наместо да се впуштат во процес кој може да потрае најмалку една деценија, вели еден од дипломатите.
Земјите кои го поддржуваат предлогот тврдат дека би било симболично важно лидерите на ЕУ да ја стават својата тежина зад кандидатурата на Украина, дури и ако самиот процес на членство останува долг и комплициран.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски официјално аплицираше за пристап во ЕУ на крајот на минатиот месец и девет земји-членки од централна и источна Европа, предводени од Полска и трите балтички земји, јавно го повикаа блокот да ѝ даде на Украина статус на кандидат и да го започне пристапниот процес.
Лидерите на ЕУ треба да разговараат за барањето на Украина кога ќе се сретнат во текот на два дена во близина на Париз, почнувајќи од четврток. Тие би можеле да одлучат да го поддржат кандидатскиот статус на Украина и да го започнат долгиот процес на преговарање за полноправно членство, би можеле да купат време со тоа што ќе го проследат прашањето до Европската комисија или би можеле да заземат компромисна позиција, како што е признавањето дека Украина има долгорочни односи со ЕУ, без таа формално да го поддржи нејзиниот кандидатски статус.
„Има уште долг пат пред нас. Мораме да ставиме крај на оваа војна. И треба да разговараме за следните чекори“, рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, минатата недела пред Европскиот парламент. „Но, никој не може да се сомнева дека народот кој толку храбро се залага за нашите европски вредности припаѓа на нашето европско семејство“.
Лидерите на самитот може да побараат од комисијата да даде мислење за кандидатурата на Украина побрзо од вообичаено, во знак на политичка поддршка за Киев, велат дипломатите на ЕУ. Процесот обично трае помеѓу 15 и 18 месеци.
Но, дури и да се дојде до мислење, тоа би било напорен потфат во услови на инвазија, бидејќи тоа вклучува Комисијата да испрати долга листа на прашања до Владата во Киев и да испрати мисии за утврдување факти во земјата, заклучува „Блумберг“.






