Јовановски: „Треба единствен став за зачувување на националните интереси наспрема Бугарија и да не се шири воена психоза“

„Стравот од повторување на мрачната историја од Балканските војни, Првата и Втората светска војна и од крвопролевањето меѓу народите од поранешната југословенска заедница сѐ уште е присутен кај постарите генерации. Изјавите на меѓународните геополитички аналитичари се однесуваат сите без исклучок на „Балканот како следно жариште на избивање воен конфликт“. – вели Митко Јовановски во својата анализа со наслов „Наречници и геополитички игри за Балканот“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Јпвановски пишува: „Поминаа десет дена од почетокот на воените судири меѓу Русија и Украина, а нашите граѓани поминуваат низ вистинска воена психоза! Зошто македонските граѓани се толку чувствителни на секоја војна што ќе се случи на европска почва или некаде на Блискиот Исток? Тоа е влезено во нашиот генетски код на постојани страдања од војни, во кои бевме вклучени, главно поради туѓи интереси.“

„На врвот на листата на ризични подрачја се наведуваат и Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Македонија. Сите овие земји се наоѓаат во состојба на некаков ‘замрзнат конфликт’, што се должи на внатрешните етнички поделби и на преклопувањето на интересите на големите сили, кои го држат балканскиот простор како залог за расчистување на сметките на големите суперсили во исцртувањето на новите територии на влијание.“

„Сѐ уште недефинираниот и јасен став на Брисел за почетокот на преговорите за зачленување на Македонија во Европската Унија остава простор на резерва во дејствувањето на ‘наречниците’ во однос на Македонија. Евроамбасадорот Дејвид Гир, и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер порачаа дека ‘реформите и преговорите меѓу Бугарија и Македонија мора да продолжат, бидејќи се условот за членство во ЕУ’! Ова беше уште едно отрезнување до политичките водства во државата дека не смееме да ‘сонуваме’ за брз прием во Унијата.“

„Во ваква сложена позиција на надворешен план пред македонските политички чинители останува обврската за постигнување единствен став околу прашањата, што се однесуваат на зачувувањето на националните интереси на државата, посебно во преговорите со Бугарија, која продолжува да се однесува негаторски кон македонскиот народ, јазик и историја. Од наш интерес е да престанат и обидите на поединци да наоѓаат и оправдување за тоа што се случува во Украина.“

„Со тоа се поттикнува поделбата меѓу македонските граѓани. Во овој момент најмалку е потребно да ја шириме воената психоза и да се предизвикува општа несигурност кај граѓаните, кои и така се исцрпени од долгогодишната здравствена и економска криза.“ – заклучува Јовановски во својата анализа.



Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/nas-stav/narechnici-i-geopolitichki-igri-za-balkanot/