Незири: „Бугарија, Грција и Србија и наметнуваат на Македонија решенија за споровите за јазикот, историјата, името и црквата врз основа на нивниот интерес“

„Путин го засилува реалистичкиот пристап во меѓународните односи, што донесува напнатости и војни на регионално и глобално рамниште. Проблемите на Македонија со Бугарија за јазикот и историјата, со Грција за името на државата и со Србија околу автокефалноста на Македонската православна црква произлегуваат токму од реалистичкиот пристап на соседните држави, кои ја користат посилната позиција, за да наметнат решенија на тие проблеми, што се во рамки на нивниот дефиниран национален интерес.“ – вели Џелал Незири, доктор по политички науки и новинар, во својата анализа со наслов „Состојба на постојано непријателство“, која ја објави телевизијата на албански јазик „Шења“.

„Пристапот на Путин“

Незири пишува: „Покрај ризикот од сериозна дестабилизација на Европа, Путин го предизвикува и либералниот светски поредок, заснован врз меѓународните институции. Всушност, Путин го засилува реалистичкиот пристап во меѓународните односи, што донесува напнатости и војни на регионално и глобално рамниште. Како заговорник на реализмот во меѓународните односи, Путин не ја зема предвид ниедна вредност, ниедна конвенција, закон, или меѓународен принцип кога станува збор за интересите на Русија. Реализмот и либерализмот остануваат главни политички теории во меѓународните односи.“

„Реал-политиката и реализмот“

„Проблемите на Македонија со Бугарија за јазикот и историјата, со Грција за името на државата и проблемите со Србија околу автокефалноста на Македонската православна црква произлегуваат токму од реалистичкиот пристап на соседните држави. Овие соседни држави ја користат својата посилна позиција, за да наметнат решенија на тие проблеми, кои се во рамки на нивниот дефиниран национален интерес.“

„Македонија се соочува со асиметричен однос од сите овие земји кон неа: Грција и Бугарија ја користат својата позиција како членки на НАТО и ЕУ, за да наметнат решенија, со кои се почитуваат најмногу нивните државни интереси.Прашањето за црквата со Србија на прв поглед е од верска природа, но, всушност, ги опфаќа и државите зад сцената.“ – заклучува Незири во својата анализа.