За два часа распродадени билетите за мундијалскиот бараж Италија – Македонија

Сите 26.000 влезници за натпреварот меѓу фудбалските репрезентации на Италија и на Македонија од баражот за Светското првенство во Катар, закажан за 24 март во Палермо, се распродадени за два часа, соопшти Фудбалската федерација на Италија (ФИГЦ).



Поради ограничувањата заради заштита од Ковид-19, засега е дозволено стадионот „Ренцо Барбера“ да биде исполнет до 75 проценти од својот капацитет, а ако мерките до мечот бидат олабавени, во продажба би можеле да бидат пуштени дополнителни билети.

Победникот од оваа средба пет дена подоцна ќе игра со подобриот меѓу Португалија и Турција за пласман на мундијалот што ќе се одржи во ноември.

„Аѕурите“ се враќаат во Палермо првпат по ноември 2019 година, кога ја декласираа Ерменија со 9:1, а на 15 одиграни натпревари на овој терен имаат забележано 13 победи, вклучувајќи ги последните шест средби, како и по едно реми и пораз.

Македонија и Италија досега имаат само два меѓусебни дуела, и двата во квалификациите за СП 2018, кога во Скопје славеа Италијанците со 3:2 по водството на „црвено-жолтите“ од 2:1, а потоа во реваншот во Торино беше нерешено 1:1.