Дескоски: Македонија е една од страните во војната со Украина

„Исклучувањето на RT и Спутник не соочи со непријатната вистина: Дека нашата земја, заедно со Западните сојузници, е на една од страните во војната во Украина. Северна Македонија не е неутрална. Таа е на страната на Украина“, оценува професорот Тони Дескоски.



„Немаме објавено војна, ама сме на страната на Украина. Следствено, Русија ни е непријателот, а ние сме за неа непријателска земја. Кога има војна, има ограничување на информирањето, а посебно спрема изворите од непријателска страна. Тоа го почитуваат сите играчи, и владата и медиумите.

Ако оваа војна потрае, ќе има и други ограничувања, не само во информирањето.

Ќе бидат непријатни, но тоа е ништо во споредба со ситуацијата во која Русија би победила во војната, а нашата страна би изгубила. Е, дури тогаш ќе биде лошо.

Дури и од перспектива на меѓународните односи, кои налагаат себичност на секоја земја, мора да сме свесни дека Македонија ќе ги сноси последиците од поразот на Украина и Западот“ оценува професорот.

За споредба, преку НОБ нашите предци партизаните ја создадоа Македонската држава, меѓу другото и затоа што беа на страната на Антифашистичката коалиција која победи, потсетува Дескоски на Фејсбук..