„Мои македонски пријатели и пријателки: ги разбирам вашите фрустрации, стравови и вознемиреност, но не можам да се согласам со тоа дека вам ви се виновни исклучиво САД, или ЕУ, за сегашната ситуација, во која се наоѓа Вашата земја. Ја познавам вашата историја многу подобро од мнозина од вас и можам да го искажам својот став без никаков страв или сомнеж. А тој нема да ви се допадне. Самите сте си виновни за ова, што ви се случува и за ситуацијата, во која се наоѓате.“ – објави Горан Калоѓера, хрватскиот славист и македонист и вонреден член на Македонската академија на науки и уметности, на својот фејсбук-профил, реагирајќи на случувањата во Македонија и околу судирот Русија-Украина.
Калоѓера пишува: „По 1945 година, кога ја добивте државата, во која остваривте забележлив напредок, особено во поглед на јазикот, самобитноста, националноста и слично, по Глигоров имавте низа претседатели и политички лидери, кои ги одбравте самите. Тие ве одведоа во ситуацијата, во која се наоѓате денес. Затоа, обвинувајте се првенствено себеси.“
„Позната е вашата историска поделеност, навистина и Западот имаше вмешано свои прсти во сето тоа… но, кој е виновен за сето тоа? Ги разбирам вашата подвоеност и симпатиите кон Русија, но, колку што паметам и колку што знам, ниту од нив не ви доаѓало ништо добро во минатите векови. Но, тоа е ваша работа.“
„Мојата реакција во врска со окупацијата и нападот на Украина е став на независен и слободен интелектуалец. Таа реакција останува и натаму иста. Украина е жртва. Таму гинат луѓе, жени, деца. Се уриваат градови. Умираат и недолжни руски војници, од кои многумина и не знаеле во што се впуштаат.“
„Ги поддржувам сите слободномислечки руски интелектуалци, кои не се согласуваат со оваа војна. Тие ќе платат крваво, поради своето несогласување, без оглед на возраст. Според моето мислење, тоа е единствениот правилен став. Друг нема, барем што се однесува до мене.“





