Војната во Украина ги загрозува глобалните залихи на жито, бидејќи залихите на големите извозници како САД и Европската унија се намалуваат, што ја поткопува нивната способност да интервенираат во време на криза, јавува Ројтерс
Залихите на големите извозници на пченица – ЕУ, Русија, САД, Канада, Украина, Аргентина, Австралија и Казахстан – поради војната во Украина ќе паднат на деветгодишно најниско ниво од 57 милиони тони до крајот на сезоната 2021/22, оценува Меѓународниот Агенција за житарки (IGC).
Тие сега учествуваат со само една петтина од глобалните залихи, што е доволно да се нахрани светот за само 27 дена, наспроти проценетата светска потрошувачка од 781 милион тони.
Исто така, постои загриженост дека актуелната криза може да ги спречи земјоделците во Русија и Украина да сеат житни култури оваа пролет, што би извршило уште поголем притисок врз глобалните резерви.
Цената на пченицата во САД денеска скокна на максимумот во последните 14 години, поради невидената побарувачка на увозниците кои се обидуваат да обезбедат испораки по затворањето на пристаништата во Украина и прекинот на испораките од Русија.
Цената на пченицата на берзата во Чикаго денеска изнесува 11,34 долари за бушел (27,2 килограми) и е за 40 отсто повисока од почетокот на оваа година.






