Со 61 пратеник гласови „за“ од парламентарното мнозинството, Собранието го разреши пратеникот на Беса Фадил Зендели од член на Комисијата за избори и именувања.
Опозицијата не влезе во пленарната сала и за разрешувањето на Зендели немаше воздржани и против.
Одлуката тој да биде разрешен од Комисијата дојде на предлог на пратеници од мнозинството меѓу кои првопотпишан беше претседателот на Собранието Талат Џафери, откако повеќе месеци беше блокирана работата на тоа работно тело, бидејќи Зендели одбиваше сам да ја напушти Комисијата откако Беса премина во опозиција.
За опозицијата разрешувањето на Зендели на пленарна седница е преседан кој на власта ќе и се удри од глава, бидејќи предлогот не дошол од Комисијата туку со одлука директно на пленум. Според опозицијата, со тоа се прекршени собранискиот Деловник и Уставот.
Според власта, повикувајќи се на Уставот, пленумот има право да го разреши Зендели, бидејќи тој е избран функционер.







