Бугарија денеска го прославува својот национален празник – 144 години од крајот на Руско-турската ослободителна војна, со која почна нејзиното обновување како независна држава, јави дописникот на МИА од Софија.
Договорот е потпишан во предградијата на Истанбул – Сан Стефано на 19 февруари / 3 март 1878 година, на роденденот на рускиот император Александар II.
Трети март стана официјален и национален празник на Бугарија од 1990 година, по падот на комунизмот во Бугарија. По тој повод празникот ќе го слави цела држава.
Свечениот дел каде што се наоѓа Споменикот на слободата ќе се одржи на врвот Шипка каде се воделе клучните битки. На нив ќе присуствуваат премиерот Кирил Петков и претседателот на Народното собрание Никола Минчев. Во Шипка ќе биде и министерот за одбрана на Бугарија Стефан Јанев, кој беше разрешен пред два дена.
Бугарскиот претседател, Румен Радев, во Софија ќе присуствува на кревање на бугарското знаме пред Споменикот на непознатиот војник, а вечерва ќе има и огномет на кој ќе присуствуваат и премиерот Кирил Петков и претседателот на Национално собрание.






