Мехмети: „Да го исчистиме албанството од ‘Отворениот Балкан’ – да ја ослободиме младината од партиските ‘свињи“

„Албанската младина треба да биде ослободена од ‘валканата политичка раса’, која му стана опозиција на сопствениот народ. Таа младина треба да биде ослободена и од партиските ‘свињи’, кои се гојат и се дебелат од потта на народот и кои се освежуваат, прпелкајќи се во калта на политичките игри. Таа младина ќе треба да ги исчисти нашите албански простори од проектите штетни за албанството, како што е ‘Отворениот Балкан“ – вели писателот и публицист Ким Мехмети во својата колумна со наслов „Да го исчистиме албанството од антиалбанските проекти, како што е оној за ‘Отворениот Балкан!“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Алмакос“.

Мехмети пишува: „Албанството не би било тоа што е, ако не би ги имало сонувачите, кои никогаш не ги предадоа нивните сништа, кои ги одржуваа живи илузиите, кои сфатија дека вреди да му се остане верен на сонот и кога знаеја дека тој сон е далечен, можеби и лажен, но и оти е многу, многу човечен. Ние, Албанците, како осамен народ на овој Балкан, никогаш не би можеле да преживееме без фанатичните сонувачи, на кои би им се случило и да се заборават себеси, но не и колективниот сон.“

„На овој Балкан и денес сме ‘осамени’ како и секогаш, но имаме нешто што не сме имале никогаш порано: младина која го познава целиот свет и комуницира со него, младина која не живее со товарот на осамениот народ, туку која се чувствува како рамноправен дел на светската цивилизација. Таа младина треба да се храни со надежи и да биде ослободена од ‘валканата политичка раса’, која му стана опозиција на сопствениот народ. Таа младина треба да биде ослободена и од партиските ‘свињи’, кои се гојат и се дебелат од потта на народот и кои се освежуваат, прпелкајќи се во калта на политичките игри.“

„На таа младина треба да и се каже да биде внимателна и да ги стави маските, бидејќи на неа ќе и се падне да ги исчисти нашите албански простори од проектите штетни за албанството, како што е, на пример, оној за ‘Отворениот Балкан’ – проекти кои ја прелеваат септичката јама, преполна со вековни антиалбански политички пислаци.“ – заклучува Ким Мехмети во својата колумна.