Првпат од почетокот на својата воена интервенција во Украина минатиот четврток, Русија го соопшти бројот на жртвите во сопствените редови – 498, а околу 1.600 руски војници се повредени.
На спротивната страна Министерството за одбрана на Русија изброи 2.870 загинати украински војници и членови на паравоени структури од крајната десница, како и 3.700 повредени, а 572 се заробени.
Официјалните бројки од Москва значително се разликуваат од тие од Киев, кој тврди дека во досегашниот тек од инвазијата се убиени 5.800 руски војници.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков, соопшти и дека руските оружени сили во овие осум дена од нападите врз Украина уништиле над 1.500 воени цели.
„За време на операцијата беа погодени вкупно 1.533 цели, вклучувајќи 54 командни пунктови и комуникациски центри на вооружените сили на Украина, 39 ракетни системи С-300, Бук М-1 и Оса и 52 радарски станици“, изјави тој.
Конашенков прецизира дека се уништени 47 авиони кои биле погодени на земја, а уште 13 авиони и 47 беспилотни летала биле соборени во воздух. Уништени се и 484 тенкови и други оклопни борбени возила, 63 повеќецевни ракетни фрлачи, 217 теренски артилериски единици и минофрлачи и 336 единици специјална опрема, додаде тој.






