Претседателот Стево Пендаровски го објасни неоткривањето на видот на воената помош од Македонија за Украина со заканите од Русија дека секој што воено ќе им помогне на Украинците е легитимна воена цел за неа.



„И министерката (за одбрана Славјанка Петровска – н.з.) има таква информација, меѓутоа бидејќи е класификувана од НАТО не можеме да ја споделиме. Ние можеме да споделиме со јавноста, и мислам дека тоа не е спорно, дека имаме еден цел список добиен од украинската амбасада, но тоа е повеќе медицинска опрема што ја побаруваат од нас и што ќе им ја дадеме. Меѓутоа, овде зборуваме за воени, борбени средства и не можеме да ги кажеме поради тоа што пред некој ден Руската Федерација рече дека сите оние што ѝ дотураат оружје или ѝ даваат оружје и муниција на Украина ќе бидат наша легитимна воена цел и од тој аспект не смееме да се изложуваме“, одговори тој во „Тема на денот“ на ТВ Сител, објаснувајќи дека Украина не е премногу далеку од Македонија.