Украина тврди дека вчера уништила елитна група чеченски борци кои планирале атентат на претседателот Володимир Зеленски.
Олексеј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, за време на телевизиско обраќање соопшти дека единицата „која дојде да го убие нашиот претседател е елиминирана“, пишува Дејли мејл
„Бевме предупредени со специјалната операција што требаше да ја спроведе единицата на силите Кадиров“, рече Данилов на ТВ каналот Украина 24, пренесе Мирор.
„Информациите ги добивме од претставници на руската Федерална служба за безбедност кои не сакаат да учествуваат во оваа крвава војна“ додаде Данилов.
Вчера, Рамзан Кадиров – моќниот лидер на Чеченија – изјави дека Чеченци се убиени во Украина.
Единицата беше испратена во Украина од Кадиров, кој е верен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин.







