Украина бара Кина да се заложи за запирање на војната

Украинските власти бараат Кина да влијае на Русија за запирање на војната во Украина.



Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денеска разговараше со својот украински колега Дмитро Кулеба и повика на решавање на кризата преку преговори. Веста ја пренесоа кинеските државни медиуми. Кулеба побарал од кинескиот колега Ји да ги „искорсити врските на Пекинг со Москва за запирање на воената интервенција на Русија во Украина“. Пекинг „длабоко жали што избувна конфликтот меѓу Украина и Русија и посветува екстремно внимание на штетата што ја претрпуваат цивилите“, објави државната телевизија CCTV.

Кинеското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека се противи на употребата на еднострани санкции за решавање на кризата во Украина по одлуката на Русија да изврши напад врз земјата со наведена цел да ја „демилитаризира“.

Западот наметна санкции за Русија, а повеќе земји нудат хуманитарна и воена помош за Украина.