Преговорите Русија-Украина продолжуваат утре?

Втората рунда преговори меѓу Русија и Украина би можела да се одржи утре, 2 март, пишува украинскиот весник „Зеркало Недели“, повикувајќи се на украински дипломатски извори.



Оваа информација за РИА Новости претходно ја потврди и белорускиот политиколог Јуриј Воскресенски, близок до организаторите на средбата.

„Според моите прелиминарни информации, разговорите треба да се одржат утре. Првите членови на делегациите ќе почнат да пристигнуваат во Минск вечерва“, рече соговорникот на агенцијата.

Средбата овојпат треба да се одржи во близина на белоруско-полската граница.

Претставниците на Русија и Украина се сретнаа вчера во регионот Гомел во Белорусија. По разговорите, двете страни внимателно го информираа печатот за некои точки на контакт за кои би можело да се разговара во иднина.

ПРвиот човек на руската делегација го информирал лично Владимир Путин за резултатите од средбата, а подготвил и писмен извештај. Портпаролот на Кремљ рече дека е премногу рано да се даваат проценки.

Пред средбата, од кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски соопштија дека „клучното прашање во разговорите е итен прекин на огнот и повлекување на војниците од Украина“.

Зеленски по разговорите изјави дека сè уште нема резултат што и е потребен на земјата.