Од утре наместо замрзнати цени на основните прехранбени производи на сила стапува одлуката за ограничување на трговските маржи. Со оваа одлука заработувачката на трговците на мало се ограничува на 10 проценти, а на оние на големо на 5 отсто. Граѓаните се свесни дека ги очекуваат нови повисоки цени во маркетите и не веруваат дека замрзнатите маржи ќе ја намалат инфлацијата. Поради тоа тие викендов ги празнеа рафтовите со брашно, млеко, масло за јадење, ориз, тестенини… кои сметаат дека ќе поскапат. Ова претходно го најавија и производителите, бидејќи како што велат освен цените на енергенсите поради војната во Украина има драстичен раст на цените на суровините пченката, пченицата, сојата…
За справување со инфлацијата и заштита на стандардот на граѓаните пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија денеска до Собранието достави два предлог-закони. Со првиот предлог-закон бараат намалување на акцизата за горивата за моторни возилата за 50 отсто со што значително ќе се намали финансискиот товар врз граѓаните и транспортните компании. Со ова цената на бензинот веднаш ќе се намали за 13 денари, а цената на дизел горивото за 9,5 денари. Со вториот предлог-закон бараат до 31 декември 2022 година ДДВ за производите за човечка исхрана и за топлинската енергија т.е. парното да бидат со 0 отсто. Дополнително, бараат и ДДВ за електричната енергија да остане 5 отсто до крајот на годината.
-Државата мора да се приспособи на новонастаната ситуација, веќе сме влезени во стагфлација, тоа е состојба на стагнација на економија и инфлација. Власта требаше да го има предвидено порастот на цените и досега требаше стоковните резерви да бидат наполнети и пуштени во употреба за да се спречат ценовните шокови, изјави Маја Кадиевска-Војновиќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, на државата итно и е потребен ребаланс бидејќи за два месеци имаме 120 милиони буџетски дефицит, а тоа е 30 отсто од тоа што сме го планирале годинава.
Според економистите и покрај ограничување на маржите, цените на храната од 1 март ќе растат. Тие сметаат дека Владата има две опции, да ги намали трошењата од Буџетот или повторно да се задолжува. Но, поради војната во Украина се поставува прашањето дали меѓународните финансиски институции ќе ни овозможат да се задолжуваме по исти каматни стапки како претходно.
-Ова е многу важно за земја како нашата која е зависна од надворешно кредитирање. Дали ќе поскапи земањето на кредити на меѓународните пазари, односно колкави ќе бидат каматните стапки за новите кредити кои ќе се земаат за враќање на старите. Ако војната не престане за еден месец, прашање е што ќе се случи со оние кои ќе сакаат да земат пари на заем. Земјите кои ќе бидат упатени на позајмици на финансиските пазари, ќе претрпат многу негативни последици, потешко ќе доаѓаат до кредити и ќе имаат зголемени трошоци, велат економски експерти за весникот ВЕЧЕР.
Прогнозите се дека војната во Украина уште повеќе ќе ја поттикне инфлацијата и ќе предизвика дополнителен раст на цените. Збирно, сите ефекти од потенцијален раст на цените на храната, нафтата, растот на цената на струјата и другите суровини, би можело да предизвика дополнителен раст на цените за околу 4 отсто од јануари до мај.
Сепак и покрај тоа што голем дел од стопанските коморите не се согласуваат со одлуката за замрзнување на маржите и бараат ново решение, од Министерството за економија сè уште без одговор на нивните барања. Пред неколку дена тие од министерот за економија, Крешник Бектеши побараа корекција на листата на производи, односно одлуката да се однесува само на основните производи во секторите опфатени со неа. Ако Владата не го прифати нивното барање трговците на мало ќе бидат принудени овие производи во наредниот период да ги откажат, што ќе има негативни последици врз работењето и на производителите и на самите трговци.
Како што изјавиле некои од производителите за ВЕЧЕР оваа мерка ќе ги погоди и нив бидејќи тие истовремено се и трговци. „Оваа мерка силно ќе ги погоди и производителите и трговците и дистрибутерите“, велат тие.
Дополнително власта пред неколку дена одби да бидат намалени царинските тарифи за производите во прехранбената индустрија, предлог кој го дадоа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Со ваквата мерка се очекува да се намали конечната цена на чинење на прехранбената производи, на кои во најголем дел се троши семејниот буџет.
Но, и покрај сите досегашни мерки инфлацијата не запира. Цените на прехранбените производи секојдневно растат, а само за 10 дена цените на бананите се зголемени за 8-10 денари, на лимонот за 5 до 7 денари, на јаболката за 8, на доматот за 14, зелка за 4, компир за 6, брашно за 4, грав за 17, путер за 5, кашкавал за 67, свинското за 20 до 40 денари за килограм…





