Рускиот претседател Владимир Путин во разговор со францускиот претседател Емануел Макрон денеска истакнал дека решението околу Украина е можно само ако безусловно се земат предвид легитимните безбедносни интереси на Русија, соопшти прес-службата на Кремљ, цитирана од РИА Новости.
„Владимир Путин истакна дека таквото решение е можно само со безусловно разгледување на легитимните безбедносни интереси на Русија, вклучувајќи го и признавањето на суверенитетот на Русија над Крим, решавањето на задачите за демилитаризација и денацификација на украинската држава и гарантирање на нејзиниот неутрален статус“, се вели во соопштението.
Макрон ги повторил барањата на меѓународната заедница за запирање на руската офанзива во Украина, соопшти кабинетот на Макрон.
Макрон, исто така, го повика Путин да ги запре сите напади врз цивилите во Украина, да ја зачува цивилната инфраструктура и да обезбеди безбеден пристап до клучните патишта, особено јужно од Киев.
„Претседателот Путин ја потврди својата подготвеност да се заложи за овие три точки“, соопшти Елисејската палата, додавајќи дека Макрон и Путин, исто така, се согласиле да останат во контакт во наредните денови.






