„Позитивните пораки што доаѓаат од лица што се докажани пријатели на Македонија недоволно се искористуваат во нашата дипломатија за разобличување на невистините, клеветите и уцените, со кои настапуваат од бугарската страна. Општиот впечаток на стручната јавност е дека нашата држава се откажува да ја користи можноста за лобирање преку странските дипломати и политичари, чии настапи во јавноста се најчесто на нивна лична иницијатива.“ – вели Митко Јовановски во својата анализа со наслов „Дали Македонија се потпира доволно на пријателите од странство?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Јовановски пишува: „Од спуштањето на бугарската рампа за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија повеќемина поранешни и актуелни странски дипломати, политичари, историчари и интелектуалци изразија лична осуда на политиката, што се рефлектира од официјална Софија. Меѓу најгласните поддржувачи на македонските позиции се: поранешната германска амбасадорка во Скопје и во Софија, Гудрун Штајнакер, поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере, поранешниот германскиот министер за Европа, Михаел Рот, како и десетици претставници од американската дипломатија, кои искажуваат безрезервна поддршка за откочувањето на проширувањето на ЕУ.“
„Се чини дека ваквите позитивни пораки, што доаѓаат од лица кои се докажани пријатели на Македонија, недоволно се искористуваат во нашата надворешна дипломатија за разобличување на уцените со кои настапуваат од бугарската страна. Општиот впечаток на стручната јавност е дека нашата држава се откажува од можноста за лобирање преку странските дипломати и политичари, чии настапи во јавноста се најчесто на нивна лична иницијатива.“
„Поранешниот македонски дипломат Драган Јањатов се согласува со ставот дека македонските државни институции задолжени за надворешната политика недоволно се посветуваат на анимирање на странските дипломати и интелектуалци, за пренесување на нашата вистина и за зачувување и промовирање на позициите на Македонија. ‘Најдобар начин за меѓународна промоција на македонските ставови се поранешните дипломати, кои низ својата кариера изградиле блиски и пријателски односи со многу личности од политичкиот и јавниот живот од другите земји во Европа и во светот. Можноста за организирано лобирање недоволно се користи од македонската држава.’ – истакнува Јањатов.“
Синиша Пекевски, политички аналитичар и експерт за односи со јавноста, вели дека улогата на поранешните дипломати е да влијаат врз градењето генерални стратегии на одредени земји и Европската Унија. Но, сепак, тој укажува дека истото тоа влијание е ограничено, затоа што државите и сојузите се раководат од глобалните интереси и процеси. ‘Во Европската Унија и сета демократска јавност во Европа знаат што се случува во Бугарија кога станува збор за преговорите со Македонија. Добро е кога за вистината зборуваат и поранешни дипломати, на кои полесно им е да ги презентираат вистинските факти, откако ќе им заврши функцијата. Многу е симптоматично зошто тоа не го правеле кога биле на функцијата и кога реално можеле да влијаат на надворешните политики на своите земји. Секако, нивното влијание не е маргинално.’ – нагласува Пекевски.“
„Проблемот е во тоа што на официјалната политика на Бугарија ѝ се дава отворен простор за дејствување, како што беше и во случајот со преговорите со Грција. Потребно е креаторите и носителите на нашата политика да се свртат кон заштита на националните интереси, кон воспоставувањето правна држава и така ќе ги подобрат и своите позиции кон другите земји.’ – додава Пекевски.“
Интернет – врска до целата анализа:
Home Македонија Пекевски: „Носителите на македонската политика треба да ги штитат националните интереси, оти...





