Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во петокот изјави дека не е ниту украински непријател, ниту руски пријател, но дека во извештаите на Европската унија се вели дека поранешната советска република Украина е корумпирана земја и го прозва премиерот Андреј Пленковиќ дека се однесува како „украински агент“.
Вењли дека Пленковиќ се однесува како „украински агент“, а тој самиот се однесува како претседател на Хрватска и дека ситуацијата во Украина ја следи со години.
„Јас не отидов таму на две службени патувања како Пленковиќ и си ги подигнав дневниците бидејќи ме прати Европскиот парламент. Со години сум во таа област со моите размислувања и знаења“, рече Милановиќ.
Тој смета дека не претерал со неговите изјави за Украина, од кои хрватската влада се огради. Тој не планира да се извини, додавајќи дека извештаите на ЕУ, исто така, велат дека Украина е корумпирана земја.
„Фала му на Бога што тие (Украинците -н.з.) постојат бидејќи тогаш не сме најлоши“, изјави хрватскиот претседател во интервју за РТЛ.
„Украина има проблем и мора да почне да го решава, и со сепаратистите кои Русија не ги призна. Затоа, продолжете со разговорите, не игнорирајте го фактот дека има некои преговарачи кои не се најдобри момци, но со нив треба да се разговара, а не постојано да се оди на конфронтација со нуклеарната и хиперсонична моќна Русија“, препорача Милановиќ.
Тој исто така рече дека ЕУ се однесува „неодговорно“ кон Украина.
„Тие не добија ништо од Европската унија, им беа ветени милијарди милијарди. И тоа што го кажувам, не велам за некого да навредам. Јас не сум ниту украински непријател, ниту руски пријател“, рече тој.
Милановиќ ја прозва Украина дека ги „слави хероите од Втората светска војна кои се масовни убијци на Полјаците и Евреите“.
Тој уште рече дека протестите на Мајдан (во 2014) „јас ги нареков нешто што имаше апсолутно елементи на пуч и соборување на легитимно избрана влада. Со срдечна помош на ЕУ и Европскиот совет во кој седев во тоа време, и Вашингтон “.






