Украинските власти се согласија на преговори во регионот Гомел, Белорусија, каде од претпладнево чека рускиот преговарачки тим, јавија медиуми.
Киев потврди дека е подготвен за преговори во регионот каде им се гарантира целосна безбедност, изјави шефот на руската делегација во Белорусија, Владимир Медински.
Русија ѝ постави рок на Украина до 15 часот (14 по средноевропско) по локално време да се изјаснат дали се за преговори.
„Веќе имавме намера да заминеме, но добивме информација од украинска страна за потврда на преговорите“, изјави Медински.
„Гарантираме дека рутата за патување ќе биде 100% безбедна. Ќе ја чекаме украинската делегација“, изјави рускиот главен преговарач.
Претходно разговорите за прекин на руските напади во Украина беа одложувани поради несогласувања околу локацијата на потенцијалниот самит.
Руски дипломати и воени претставници денеска пристигнаа во Гомел, град во Белорусија блиску до руската и украинската граница, соопшти во неделата Кремљ.






