Министерот за финансии Фатмир Бесими, вели дека тешко е во овој момент да се зборува за исходот од руско-украинската криза врз глобалната економија, а тоа ќе зависи од тоа како ќе се одвива инвазијата и колку ќе трае, какви западни санкции ќе се воведат и дали Русија би реагирала со реципроцитет.
„Како што видовме и со пандемијата, помалите прекини во еден регион можат да генерираат поголеми прекини глобално. Недостигот или порастот на цените на некои од стоките кои ги извезуваат овие земји, може да имаат ефект на снежни топки, особено бидејќи економијата е сè уште кревка од ударот на пандемијата.
Дополнително, политичката несигурност и нестабилност ѝ тежат на економската активност, вели Бесими во неговата најнова колумна.
За главните економски последици врз европската економија кои би можеле да настанат од руско-украинската војна, Бесими вели дека предизвиците од европската економија ќе се рефлектираат и врз македонската економија.
„Покрај директните ефекти врз македонската економија, преку трговската размена, развојот на настаните во Украина може да има и негативен ефект врз европската и глобалната економија, преку дополнителни нарушувања на синџирите за снабдување, односно негативен ефект врз странската побарувачка. Како мала и отворена економија која е високоповрзана со европската, ние би ги почувствувале тие нарушувања. Исто така, може да дојде до поголема претпазливост кај странските и домашните инвеститори, што би се одразило на нивото на инвестиции – вели Бесими, додавајќи дека будно се следи состојбата и се креираат соодветни сценарија за можните исходи.
Министерот уверува дека стоковите резерви се на соодветно ниво, а буџетот ликвиден и дека има средства да се реагира доколку има потреба..






