Ѓоко Зајков, фудбалски репрезентативец на Македонија што од крајот на јануари настапува за украинскиот прволигаш Ворскла од Полтава, засега вели дека е безбеден, но и оти очекува да ја напушти Украина кога ќе се создаде можност за тоа.
„Градот Полтава, каде што се наоѓаме, не беше цел на напад. Во овој момент сме безбедни. Од клубот има најава за странците кои сме тука да се организира превоз со минибус и евентуално да бидеме спроведени до некоја граница. Но, мора да се создадат услови. Во моментот воздушниот простор е затворен, а нема ниту возови. Ги чекаме инструкциите од клубот. Во градот моментно работат само маркети и многу мал број ресторани“, вели 27-годишниот одбранбен играч за вебстраницата на Фудбалската федерација на Македонија.
Зајков на 26 јануари премина од бугарски Левски во Ворскла од Полтава, град во централниот дел на Украина со речиси 300 илјади жители.
За Македонија, со која учествуваше во историското деби на европските првенства во јуни минатата година, има 16 настапи и еден постигнат гол.





