„Годишното собрание на Македонската академија на науките и уметностите во македонската јавност добива на значење како настан, на кој интелектуалната и научна елита на државата ги предвидува предизвиците, но и насоките за развојот на Македонија во претстојната година, секако и во подолгорочна иднина. Во своето експозе, претставено на вчерашното годишно собрание, актуелниот претседател на МАНУ Љупчо Коцарев ги искажа трите предизвици, со кои денес се соочува Македонија и кои сериозно загрижувачки ја одредуваат нејзината иднина.“ – истакнува Јасминка Павловска во својата статија со наслов „Трите предизвици за Македонија и македонизмот“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „Првиот предизвик, според Коцарев, претставува самиот македонски опстој. ‘Македонизмот подразбира две работи. Прво, автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, нагласувајќи, за што пишував и говорев често минатата година, дека македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други јазици, не само словенските – има свој просторен и свој временски континуитет. Второ, македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството (како државјани на соседните земји, вклучувајќи ги тука и Грција и Бугарија), како и низ целиот свет.’ – кажа Коцарев.“
„Оттука, сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонизмот, а такви се и Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите наши животни проблеми и значат разнебитување на Македонија. Во врска со македонскиот опстој, Бугарскиот договор, Преспанската спогодба и промената на Уставот заедно претставуваат извор на нестабилност во регионот: секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални или недостоинствени документи, а такви се трите документи наметнати од геополитичките игри на големите сили, е осудена на пропаст.’ – укажа претседателот на МАНУ во своето излагање на Годишното собрание.“
„Вториот предизвик за Македонија, според Коцарев, произлегува од евроинтегративните процеси, односно од непринципиелноста на ЕУ и немањето желба за понатамошно проширување. Како една од последиците на непринципиелноста на ЕУ во однос на проширувањето, во експозето се наведува ‘маргинализацијата на значењето и на последиците од фашизмот како идеологија, движење и политика, што предизвикува оправдан сомнеж за потребите Македонија да стане членка на ЕУ.“
–Ако ЕУ, преку ветото на една своја членка, како услов за почнување на преговорите, бара од Македонија не само да избрише дел од својата историја поврзана со борбата за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор, туку и да ја ревидира синтагмата ‘фашистички окупатор’, што е поддржано од дел од македонските политичари, но и од македонските квазиисторичари, зарем тоа не придонесува за разнебитувањето на македонската држава? Поради тоа, која е пораката што ЕУ ѝ ја праќа на Македонија? Дали, всушност, вратата на ЕУ-семејството за Македонија ќе биде затворена многу долг период, или засекогаш?’– прашува претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев.“
„Третиот предизвик е целокупната иднина на Македонија. ‘Дури и ако се согласиме со неаргументираниот и ненаучен став дека македонскиот народ и македонскиот јазик не се автохтони категории и немаат милениумски опстој во границите на денешна суверена Македонија, но и во сите наши соседни држави, и потоа, поради нашата согласност, ако добиеме датум за почеток на пристапните преговори, тоа ќе значи дека ќе загубиме сѐ што е за нас свето и најмило, нашиот идентитет, култура и јазик. Согледувајќи ја реално политиката на ЕУ спрема балканските држави во однос на проширувањето, многу е поверојатно дека никогаш нема да станеме членка на ЕУ, отколку дека тоа ќе се случи во далечна иднина. Така, клучното прашање е: каква иднина на Македонија треба да градиме?’ – се наведува во експозето на претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев на Годишното собрание на МАНУ.“
„На Годишното собрание беше кажано дека, ако се прифати претходно најавената иницијатива – историјата на МАНУ да започне со 28 октомври 1902 година, денот кога е формирано Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, во 2022 година ќе се одбележи 120-годишнината од зародокот на МАНУ. ‘Со ваквиот потег – чествувањето на 120-годишнината на МАНУ, која е должна да ги чува и да ги негува стожерите на македонскиот народ – македонскиот идентитет, јазик и култура, институционално ќе пратиме барем симболична порака дека не сме народ без коренТоа особено во овие услови не само што е свето право, туку е и света должност на МАНУ да им се спротивстави на сите обиди за демакедонизација на Македонија.’ – нагласи во своето излагање претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев.“





