Истражување: 45% од Македонците би поддржале влез во Евроазиската унија предводена од Русија

Новата блокада на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ не ја промени значително поддршката за членство во ЕУ. Во 2021 година, 68% од населението ја поддржува идејата за членство во ЕУ, но македонските граѓани не се доволно информирани во врска со траекторијата и временската рамка на процесот на пристапување.



Мнозинството граѓани сметаат дека Македонија не треба да отстапи од бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71%), условот за јазикот (79%) и положбата на бугарското малцинство во Македонија (65,4%).

Перципираното влијание на ЕУ во Македонија се намали на најниско рангирање во последниве години (од 44,8% во 2019 година на 9,5% во 2021 година). Само малкумина Македонци гледаат на ЕУ како на субјект со најголемо влијание (7,8%).

Перцепцијата на граѓаните за ЕУ како најголем сојузник на земјата се намали од 43,2% во 2019 година на 13,1% во 2021 година. Во исто време, процентот на испитаници кои одбиваат да одговорат на ова прашање се зголеми од 1,3% во 2020 година на 17,6% во 2021 година.

Повеќе од половина од испитаниците (56%) поддржуваат поблиско сојузништво меѓу сегашните партнери од Отворен Балкан во рамките на процесот на интеграција во ЕУ.

Ова се дел од наодите од двете истражувања изработени од страна на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер кои беа презентирани денеска во Скопје.

Претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски потенцираше дека наодите од анализите покажуваат дека eвропскиот сон сè уште блеска, но европската реалност за Македонија станува лош сон.

– Оптимистички набљудувач би заклучил дека поддршката за македонското членство во ЕУ е релативно стабилна на околу 70%. Но, подлабок увид во структурата на ставовите дава сива слика. Неспроведувањето на домашните реформи и блокадата од нашите соседи се клучни причини за стагнација на земјата во нејзините амбиции за ЕУ. ЕУ и Западен Балкан влегоа во маѓепсан круг на меѓусебен некредибилитет. Оваа стагнација го намали значењето на ЕУ во личните преференции на граѓаните, особено на етничките Македонци. 45% од Македонците би поддржале Евроазиска унија предводена од Русија. Перцепцијата за влијанието на ЕУ опадна од 34 на 9 отсто и за првпат Македонците повеќе од етничките Албанци ги сметаат САД за повлијателни во ЕУ – вели Трошановски.

Даниел Браун, директор на Канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Македонија, смета дека разочарувањето на граѓаните за сѐ уште неотпочнатите преговори е мерливо.

– Како германска институција можеме без резерви да кажеме дека без разлика која политичка опција е на власт, Германија секогаш ја поддржувала земјата на патот кон ЕУ. Истовремено, самата Германија не успеа да ги убеди соседите на Македонија да се откажат од идентитетско политички мотивирани барања за доброто на поголемата цел на ЕУ интеграцијата и разликите како рамноправни партнери да ги решаваат во рамките на самата ЕУ. Ова резултира со губење на довербата во политичките кругови, но и особено од страна на населението – рече Браун.

Целиот текст на следниот линк:

45% ОД МАКЕДОНЦИТЕ БИ ПОДДРЖАЛЕ ЕВРОАЗИСКА УНИЈА НА ЧЕЛО СО РУСИЈА Голем пад во перцепцијата за влијанието на ЕУ во земјава