Никовски: „Кој се бори – ќе добие, кој не се бори – ќе остане со празни раце, исто и Македонија“.

„Дали моќните го обликуваат меѓународното право по свој терк?

„Во анализата на стандардите на меѓународната заедница во примената и игнорирањето на меѓународното право, експертите со кои се консултиравме издвојуваат еден многу интересен заклучок: правото и правдата во мултиполарниот свет во сложените геополитички интереси не можат да се добијат доколку помалите држави не се изборат за нив! – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „За правото и правдата, помалите држави треба да се изборат!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Павловска пишува: „Македонија во последниве пет години на своја кожа ги чувствува последиците од различната примена и перцепција на меѓународното право од страна на меѓународната заедница. Речиси во текот на целата своја тридецениска независност, Македонија е под искушението на игнорирањето на истата меѓународна заедница, која го толерира (дури и го поттикнува) дрското прекршување на меѓународното право од страна на македонските соседни држави. Македонија, под притисок на меѓународната заедница, потпиша два асиметрични соседски договори што целосно го дерогираат меѓународното право, поради кои си го промени уставното име на државата, а сега е под притисок за редефинирање на националниот идентитет и сите негови атрибути – јазик, историја, култура…“

„Кој е посилен, тој е во право?!“

„Mакедонските политичари потклекнаа на притисокот да се откажеме од придобивките извојувани токму преку меѓународното право. Со Преспанскиот договор самите се откажавме од добиената пресуда во случајот со Грција пред Меѓународниот суд на ОН во Хаг, а погазивме и речиси 140 билатерални признавања под името Република Македонија. Во голема мера и самите сме виновни што дозволивме меѓународната заедница да ги игнорира меѓународното право и принципи за самоопределување, недискриминација, владеење правото за Македонија.’ – вели политичкиот аналитичар Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.“

„Во анализата на стандардите на меѓународната заедница во примената и игнорирањето на меѓународното право, поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски заклучува дека правото и правдата во мултиполарниот свет и сложените геополитички интереси не можат да се добијат, ако не се избориме за нив. Тој нагласува: ‘Меѓународното право секогаш важело, важи и ќе важи за силните. Тие го почитуваат кога им одговара. Кога не им одговара – такво нешто не постои. Мора да ни биде јасно дека со светот владее силата и сите разговори за некакви човекови права, демократија… се обични приказни, кога на сцената доминираат (гео)политичките интереси.“

Што се однесува до Македонија и повеќедеценискиот третман на нашата земја надвор од меѓународните принципи – вината е и наша. ‘Ако не се борите за тоа што ви припаѓа (а ние сме таков класичен случај), никој нема да ви го донесе тоа на тацна. Тој што се бори – ќе добие, а тој што не се бори – ќе остане со празни раце. Најдобра илустрација за таквиот наш однос се 16-те пресуди на Европскиот суд за човекови права од Стразбур за Македонците во Бугарија. Овие пресуди бугарската држава ги игнорира, што можеби и има некаква нивна политичка логика. Меѓутоа, нема никакво оправдување што и Македонија се прави како такво нешто да не постои.’ – укажува дипломатот Ристо Никовски.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/za-pravoto-i-pravdata-pomalite-drzhavi-treba-da-se-izborat/