Јанша и Моравјецки бараат Украина до 2030 година да влезе во ЕУ, како и сличен план за Западен Балкан

Словенечкиот премиер Јанез Јанша и неговиот полски колега Матеуш Моравјецки му испратија писмо на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во кое бараат на Украина брзо да ѝ се додели кандидатски статус и да ѝ се понуди амбициозен план за членство во ЕУ до 2030 година, под услов да ги исполни потребните услови.



„Мораме да направиме амбициозен и конкретен план за брза интеграција на Украина во ЕУ до 2030 година. Планот мора да биде прецизен, со јасно дефинирани чекори, временски рокови и гаранции за членство до 2030 година, под услов да се исполнети потребните услови“, стои во заедничкото писмо на двајцата премиери.

Првата фаза на тој план би била одлуката на Украина веднаш да ѝ се признае европската перспектива и да ѝ се додели кандидатски статус откако ќе поднесе барање за членство.

Во писмото се додава дека сличен план би требало да се направи и за Грузија и Молдавија, како и за сите партнери од Западен Балкан, кои веќе имаат европска перспектива, меѓу кои е и Македонија, кандидатка за членство од 2005 година.

Процесот на пристапување на Украина кон Европската унија треба да биде потпомогнат со големи финансиски средства, а од помош ќе биде и големото искуство на ЕУ по неколкуте бранови на проширување, истакнуваат двајцата премиери.

Тие додаваат дека членството на Украина во ЕУ на никаков начин не би било вперено Русија, која ја обвинија за прекршување на обврските што ги има преземено со Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, со кој Украина се согласи за нуклерано разоружување во замена за безбедност во нејзините меѓународно признати граници.

„Време е за брзи и храбри одлуки. Историската лекција од последните две децении што треба да биде научена вели дека, ако ЕУ не се шири, ќе се шири некој друг. Сега ја плаќаме цената за игнорирањето на таа лекција. Да извлечеме поуки бидејќи цената на игнорирањето само ќе се зголемува во иднина“, велат Јанша и Моравјецки во писмото.