„Лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети заедно со други функционери на партијата утре ќе ја посети Тирана. Како што е соопштено, во рамки на посетата Ахмети се очекува да се сретне со премиерот на Албанија Еди Рама.“ – јави информативната агенција на албански јазик ИНА.
ИНА дополнува: „Посетата има ист формат како посетата, што беше остварена неодамна во Приштина, кога Ахмети со министрите од ДУИ се сретна со премиерот на Косово Албин Курти и други министри од Владата на Косово.“
Инаку, иако нема детали околу темите, за кои ќе разговараат Али Ахмети и Еди Рама, сепак, агенциската вест на ИНА дека „посетата на Албанија има ист формат како посетата на Косово“ остава простор да се претпостави, покрај другото, за што ќе разговараат Рама и првиот „интегративец“ – лидерот на партијата, која во овој момент има преовладувачко влијание во Владата на Македонија.
Во својата информација со наслов „Али Ахмети се сретна со Албин Курти: се разговараше за отстранување на мерките на границата и за инфраструктурното и туристичкото поврзување меѓу Македонија и Косово“, ТВ 21.мк на 21.1.2022 година објави: „Претседателот на ДУИ Али Ахмети престојуваше во посета на Приштина и се сретна со премиерот на Косово Албин Курти. Покрај другото, Ахмети и Курти разговараа и за отстранување и олеснување на мерките на границите и за движење преку границите. Се разговараше и за заедничкото гранично управување. Ахмети и Курти усогласија интензивни чекори околу тоа заедничко гранично управување.“
Оттука, дали на 24.февруари 2022 година Али Ахмети ќе разговара со Еди Рама за „олеснување и отстранување на мерките на границата“ и за „заедничко гранично управување“ и меѓу Македонија и Албанија, исто како и меѓу Македонија и Косово?





