Минимален, а голем триумф на Вардар против Загреб

Еден, ама злато вреден гол позитива изборија ракометарите на Вардар, совладувајќи го ППД Загреб со 20:19 во 12. коло од Лигата на шампионите и широко отворајќи си ги вратите од осминафиналето.



Благодарејќи и на поразот на Елверум од 32:27 кај Олборг, „црвено-црните“ ги прескокнаа и хрватскиот, и норвешкиот првак и се искачија на петтото место во групата А со 9 бода, еден повеќе од нив.

Победата над загрепчани има и дополнителна вредност поради помалиот број примени голови на свој терен во однос на поразот од 23:22 во Загреб, па во случај на израмнет број бодови подобро пласиран ќе биде тимот на Давид Дејвис.

Рововската битка во арената „Јане Сандански“ ја реши серијата на вардарци од четири гола без одговор за пресврт и водство од 20:17 со „проектилот“ на Филип Талески на две минути и 28 секунди до крајот.

Во остатокот од мечот гостите стопија два погодока од негативата, имаа и напад за бод, но Вардар успеа да се одбрани.

Талески и Оливие Њокас со по 4/6 беа први имиња во нападот на европскиот шампион од 2017 и 2019 година, кој во следната рунда на 2 март ќе му гостува на „фенерџијата“ Мешков Брест.