„Во напорите за изнаоѓање решение за надминување на бугарската блокада деновиве високи државни функционери изјавија дека Македонија ѝ понудила на Бугарија нов сеопфатен договор за сите отворени прашања, без да прецизираат детали од договорот. Македонската јавност се прашува: што значи терминот сеопфатност на договорот? Дали е тоа излез кон решение, или можеби нова стапица околу прашањата за идентитетот и јазикот?“ – прашува Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Каков сеопфатен договор е прифатлив за Македонија?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Таневски пишува: „Во овој момент Македонија нема друга алтернатива, освен да преговара со Софија ако сака да ја оствари поставената цел – преговори, а потоа и членство во ЕУ. Но, истовремено мора да води сметка и да ги штити своите национални интереси, кои не смеат да бидат предмет на никакви компромиси. Во таа насока под лупата на јавноста е и новиот сеопфатен договор, што Македонија ѝ го понудила на Бугарија. Со него македонската страна сака еднаш засекогаш да ги затвори сите отворени прашања со соседната земја и повеќе да нема никакви пречки, или нови условувања во текот на преговорите. ‘Наше е барањето да има сеопфатен документ, со кој ќе се затворат сите политички прашања со Бугарија, со чие решавање тие ќе се затворат еднаш засекогаш.’ – изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, без да прецизира што сè е опфатено во тој договор, што македонската страна ѝ го нуди на Софија.“
„Додека дипломатијата ги користи тајните канали да ги прецизира точките во овој договор, јавноста е во дилема дали споменатиот сеопфатен договор е веќе познатиот ‘5+1’ или станува збор за некаква негова надградба врз ‘бугарски темели’. Или можеби појдовна точка и темел на таквиот иден сеопфатен договор се токму јасно утврдените позиции и усвоената резолуција во македонското Собрание, која беше поддржана од сите пратеници. Овој сеопфатен договор мора да биде во согласност со резолуцијата, изгласана во македонското собрание и поддржана од сите политички чинители во Македонија. Ваквиот договор дел не смее да излегува надвор од меѓународното право, на кое сите земји во последно време инсистираат.“
„Ако македонскиот преговарачки тим се држи до овие рамки, тогаш овој сеопфатен договор би бил прифатлив за Македонија, а нема причини тој да не биде прифатлив и за соседна Бугарија, во чиј интерес е двете соседни земји да ги надминат повеќедецениските недоразбирања и конечно да почнат да функционираат како блиски и искрени пријатели.
Ако овој документ би се однесувал и на условите и тезите наведени во декларацијата усвоена во бугарскиот парламент во октомври 2019 година, тогаш тој не е прифатлив ниту за Македонија, а уште помалку за ЕУ.“
„Унијата постојано инсистира на почитување на меѓународното право и европските критериуми и не смее да толерира хегемонистички и шовинистички пројави кога тие доаѓаат од нејзина земја-членка. Барањата и условите утврдени во бугарската декларација за Македонија ги содржат сите елементи на кои Европа се противи, како кршење на меѓународното право, погазување на европските критериуми за членство и демонстрација на хегемонизам и шовинизам во 21 век.“
„Дипломатот Драган Јањатов е внимателен околу овој таканаречен сеопфатен договор, нагласувајќи дека бугарската страна ништо не испочитувала досега и ќе гледа и од ова да профитира. ‘Потребно е главните спорни прашања да се стават на маса и да се решаваат отворено и транспарентно, во присуство на функционери од Брисел. Нам не ни се потребни договори, туку решенија – истакнува Јањатов, предупредувајќи на внимателност во преговорите со бугарската страна, заради отстранување секаква можност Македонија на крајот да биде доведена пред свршен чин.“
Интернет- врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/kakov-seopfaten-dogovor-e-prifatliv-za-makedonija/





