Можно ли е сеопфатниот договор што вчера го најави министерот за надворешни работи Бујар Османи да значи признавање на македонскиот јазик според Уставот на Република Македонија донесен во 1991 година, како и признавање на македонскиот народ од 1945 година, додека, пак, луѓето коишто живееле на оваа територија до 1945 година да се сметаат за дел од бугарскиот народ – поставува прашање Плусинфо.
Оценувајќи дека преговорите се наоѓаат во една покритична фаза, министерот Османи не сакаше да прецизира што точно би опфатил сеопфатниот договор и како со него ќе се решат отворените прашања со источниот сосед, па тоа премолчување како да ги охрабри критичарите во земјава да се посомневаат дека се крчка нов понижувачки пакт на штета на Македонија – пишува порталот.
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски за Плусинфо вели дека сеопфатен договор со Бугарија е возможен единствено ако прифатиме дека сме Бугари и дека зборуваме дијалект на бугарскиот јазик.
– Првиот чекор на Македонија кон Бугарија мора да биде поништување на досегашниот Договор за пријателство. Тој договор е кочницата за нашиот напредок кон Брисел и како таков ќе остане сѐ додека е на сила. Најавите на министерот Бујар Османи за некаков сеопфатен договор покажуваат дека тој или не знае што зборува или воопшто не ги разбира работите. Бугарскиот премиер Кирил Петков најави дека Македонија ќе преговара најмалку 15 години со Европската Унија и дека тие во тој процес ќе ги реализираат сите свои фантазии во однос на Македонија. Сеопфатен договор со Бугарија е возможен единствено ако прифатиме дека сме Бугари по род и дека зборуваме дијалект на бугарскиот јазик. Никаков друг сеопфатен договор не е возможен – објаснува Никовски.
Реакција пристигна и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ од каде што велат дека во преговорите со Бугарија не смее да биде оспорена македонската национална посебност, ниту засебноста на македонскиот јазик.
– Имаме информации дека дејствијата во процесот на преговори се многу подлабоки од менување на Уставот. Бараме писмени гаранции кон кои ќе се обврзе Бугарија, а зад чие барање ќе застане премиерот Димитар Ковачевски. Тој мора да знае дека привремената заслепеност од функцијата е минлива и дека не смее да има пазарење на сметка на македонските национални интереси. И тоа треба да му го каже и на неговиот министер Бујар Османи. Македонија мора да добие писмени гаранции дека никој веќе нема да ја блокира само поради тоа што не сакаме да правиме ревизии на историските вистини коишто се потврдени од антифашистичката коалиција во Втората светска војна – рече Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Целиот текст на следниот линк:
ЌЕ НЀ ПОБУГАРЧИ ЛИ СЕОПФАТНИОТ ДОГОВОР? Османи молчи, критичарите кренаа паника





