Велика Британија веднаш ќе воведе тешки економски санкции кон Русија, откако претседателот Владимир Путин нареди распоредување на војници во двата отцепени региони во источна Украина, изјави премиерот Борис Џонсон, цитиран од Ројтерс.
Веднаш ќе воведеме пакет економски санкции, се закани тој. Според него, санкциите ќе бидат насочени кон субјектите во Донбас, Луганск и Доњецк, како и во самата Русија, со цел „удар врз економските интереси на Русија колку што можеме“.
Путин ќе дознае дека е „сериозна грешка“ ако Русија ја нападне Украина, предупреди Џонсон, додавајќи дека се чини дека Москва подготвува инвазија.
„Мислам дека трагедијата на сегашната ситуација е тоа што претседателот Путин се опкружи со истомисленици кои му велат дека Украина не е вистинска држава. И мислам дека ќе открие дека направил сериозна грешка“, рече тој.






