„Фактор.мк“: „Граѓаните должат на банките 1,7 милијарди евра за потрошувачки кредити, а 1,1 милијарди евра за станбени“

„Граѓаните им должат на банките на минусни салда на своите трансакциски сметки над 104 милиони евра. Сумата е за над 8 проценти поголема споредена со претходниот месец, односно со декември лани и е најголемата месечна промена, ако се споредуваат сите видови заеми, односно кредити, кои ги даваат банките.“ – објави информативниот портал „Фактор.мк“ во својата информација со наслов „ЈАНУАРИ ГИ ‘НАБИЛДА’ МИНУСИТЕ НА КАРТИЧКИТЕ: Најпотрошувачкиот месец се одрази и на сметките“.

„Фактор.мк“ пишува: „ Големиот скок се должи на навиките на граѓаните да трошат во одделни месеци, повеќе отколку во други. Зголемувањето на минусите во јануари се должи, значи, најмногу на зголемените трошења во овој месец. Според најновата статистика на Народната банка, најголем дел од позајмените пари се кредити, кои банкарите ги издале како потрошувачки. По овој основ на банките им се должат на крајот на јануари повеќе од 1,7 милијарди евра.Потрошувачките кредити во јануари се поголеми за 7,3 проценти споредено со ланскиот јануари. “

„Ако се анализира од месец за месец минимален раст од 0,5 проценти е забележан и кај станбените кредити, вид заеми кои во последниот период апсолутно водат во зголемувањето. Годишно овие кредити растат веќе од 15 отсто. Моментно граѓаните им должат на банките за станбени кредити 1,1 милијарда евра.“

„Од Народната банка соопштија дека во јануари, автомобилските кредити бележат месечен пад од 2,4 проценти и годишен од 16,4 проценти. Паѓаат и кредитите на одобрени на кредитни картички, но значително помалку од автомобилските. Во споредба со јануари 2021 година, кредитите на домаќинствата остварија раст за 7,8 отсто, којшто во поголем дел се должи на растот на кредитите во денари.“