САД ги премести своите дипломати од Украина во Полска

Персоналот на американската амбасада кој од Киев претходно беше преместен во градот Лавов е преместен во Полска.



САД се загрижени за безбедноста, откако рускиот претседател Владимир Путин нареди војници да влезат во двата сепаратистички региони во источна Украина кои вчера ги призна како независни републики.

Стејт департментот во соопштението ја објаснува одлуката со тоа дека безбедносната ситуација во Украина „продолжува да биде непредвидлива“.

Соединетите држави претходно овој месец ја преместија својата амбасада во Украина од главниот град Киев во Лавов на запад во близина на границата со Полска.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела изјави дека е „убеден“ дека Русија ќе ја нападне Украина и најверојатно ќе го таргетира Киев.