– Нема место за таква фуснота, тоа е факт. Дека нема дискусија какво е моето чувство, вашето чувство, чувството на сите луѓе, кој е и чиј е македонскиот јазик. Тоа е јазикот на македонската нација – рече универзитетскиот професорот Људмил Спасов, на денешното одбележување на светскиот Ден на мајчиниот јазик. За Спасов не смее да се тргува ниту со македонскиот идентитет, култура и етнологија. За него е неприфатливо ниту настојувањето на нашиот источен сосед, во преговарачката рамка да се вметне фуснота за јазикот.
Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска на сличен став. За неа јазикот и културата се столбови на идентитетот на еден народ и на едно општество.
– Генерации на лингвисти и македонисти ги носат товарот и одговорноста на лингвистот Мисирков. Со милост да се врати долгот кон сопствениот јазик. Во тоа Министерството за култура е ваш најсилен сојузник – изјави Костадиновска-Стојчевска.
На панел-дискусијата говореше и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој се осврна на реципрочноста и меѓусебната почит меѓу народите и заедниците.
– Тоа што мајчиниот јазик претставува за Македонците, подеднакво нивниот мајчин јазик претставува и за другите заедници кои се застапени во нашата Македонија. И не можеме да бараме почит, доколку не понудиме почит. Тоа што сакаме да го почитуваат кај нас Македонците, мора да значи ние да го почитуваме и кај останатите заедници во Македонија. Затоа е потребно да се слушаме едни со други, да се почитуваме дури и кога не се согласуваме еден со друг – рече Мицкоски.
Со цел да го одбележат денот на мајчиниот јазик, ученици од повеќе основни училишта во Скопје на свеченоста читаа свои творби посветени на својот јазик но и на револуционерот Гоце Делчев кој се залагал за македонска самобитност.





