Кризата со скапата струја за неполн февруари изеде 58 милиони евра

Владата на последната седница му одобрила уште 665.000.000 денари, или 11 милиони евра, на Електрани на Македонија, за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија.



Овие пари АД ЕСМ ќе ги искористи за намирување на финансиски надомест за порамнување на отстапувања помеѓу номинираните и реализираните количини на електрична енергија кон АД МЕПСО за 2021 година, заради справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија, или практично за дебаланс помеѓу производството и побарувачката на струја.

Нешто повеќе од 47 милиони евра Владата експресно му ги префрли на сметката на ЕСМ веднаш по одлуката на почеток на февруари да се одобрат овие 2,9 милијарди денари за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија.

Со тоа може да се каже дека само за неполн месец февруари, кризата принудно ја натера Владата да му исплати 58 милиони евра на државните електрани.

Владата во јануари му префрли вкупно 22 милиони евра на АД ЕСМ за надминување на енергетската криза со електрична енергија. Во два наврати беа исплатени финансиски средства од 670 и 615 милиони денари. И во двете трансакции на наменската сметка, меѓудругото, се споменуваше набавка на дополнителни количини на електрична енергија, според претходните соопштенија на владините седници. Минатиот месец Владата одобри и помош од 900.000 евра за ЕСМ за купување на електрична енергија од гасната централа ТЕ-ТО.

Кога ќе се стави се на збир, излегува дека во 2022 за неполни два месеци се потрошени 80 милиони евра од владиниот буџет. Ако на ова се додадат и парите од 2021 по прогласувањето на енергетската криза, вкупниот износ грубо пресметан е 166 милиони евра.

Според пресметката на „Фактор“, помошта за државните електрани за 2021 беше заокружена на 86 милиони евра, исплатени за помалку од два месеци, а во моментов нема јасни одговори до кога ќе траат буџетските интервенции за надминување на кризата.

Овие суми Владата ги издвојува само заради стопроцентно снабдување со електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Големите компании се снаоѓаат самите на слободниот пазар каде што цените се многу повисоки.

Извор: Фактор.мк